1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран гаѓал американско летало

Два ирански воени авиони, според информации од Пентагон, нападнале едно американско беспилотно летало во меѓународниот воздушен простор, кое било во рутински лет на извидување.

Инцидентот се случил уште на први ноември во меѓународниот воздушен простор над Персискиот залив. Како што соопшти портпаролот на Пентагон, Џорџ Литл во Вашингтон, американскиот беспилотен авион бил оддалечен околу 26 километри од иранскиот брег кога го нападнале два ирански борбени авиони од типот СУ-25. Пилотите најмалку двапати, без претходно предупредување, отвориле оган врз беспилотниот извидувачки авион од типот Предатор. Американското летало сепак, не било погодено и се вратило во базната станица.

Литл истакна дека американскиот беспилотен авион во ниеден момент не се нашол во ирански воздушен простор. Тој инцидентот го означи како премиера. За него биле веднаш информирани американскиот претседател Барак Обама и министерот за одбрана Леон Панета.

САД, според зборовите на портпаролот на Пентагон, му ставиле јасно до знаење на Техеран дека акциите на американските беспилотни авиони во меѓунардониот воздушен простор над Заливот и натаму ќе продолжат. Постојат цела палета дипломатски и воени опции за заштита на американските трупи и авиони, изјави Литл, дополнувајќи: „Ако биде неопходно, ние тоа и ќе го направиме“.

Во декември 2011. година еден американски беспилотен авион од типот ЕрКу-170 падна во рацете на Иранците. Иранската војска тогаш официјално соопшти дека извидничкото летало било соборено во близина на границата кон соседната држава Авганистан. Американската влада пак, напротив, случајот го објасни како технички дефект, односно дека загубата на беспилотното извидничко летало се случила поради негови технички проблеми, поради што тоа било принудено на приземјување. И тогаш дојде до извесна тензија меѓу САД и Иран, а Техеран не се согласи беспилотното летало да им го врати на Американците. САД, според американските безбедносни власти, користат беспилотни извидувачки авиони за набљудување на воените сили и на атомските постројки во Иран. Западот ја сомничи исламската земја дека под плаштот на цивилно користење атомска енергија всушност тајно работи на создавање атомско оружје, што Иран постојано го демантира.