Иран во фокусот на средбата Обама-Нетанјаху | Свет | DW | 05.03.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран во фокусот на средбата Обама-Нетанјаху

Иранската атомска програма денеска (05.03) е централна тема на разговорите меѓу американскиот претседател Барак Обама и израелскиот премиер Бенјамун Нетанјаху, што треба да се одржат во Вашингтон.

Израел смета дека санкциите против Иран не се доволни. Американската влада би требало да демонстрира поголема цврстина, се вели пред средбата во Ерусалим. Според израелските медиумски информации, САД и владата во Ерусалим сепак сакаат да избегнат евентуален воен напад.

Американскиот претседател Барак Обама во саботата (03.03), во говор пред произраелската лоби организација АИПАК, јасно подвлече дека во односите со Иран и натаму полага на дипломатија и притисок. Но, исто така и му се закани на режимот во Техеран, дека се зголемува неговата подготвеност за преземање воени чекори. „Иран не би требало да се сомнева во одлучноста на САД“, рече Обама во Вашингтон. Техеран во никој случај не би требало да се сомнева ниту во „сувереното право“ на Израел да донесува сопствени одлуки за заштита на своите безбедносни интереси.

Iran Atomprogramm Ahmadinedschad

Израел стравува дека Ахмадинеџад би можел да создаде атомска бомба од иранската нуклеарна програма

Според зборовите на израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман, Израел самиот ќе донесе одлука за тоа која е најдобрата постапка во атомскиот спор. САД се најважниот пријател на државата Израел, смета министерот, „но истовремено, ние сме независни и конечно израелската влада ќе ја донесе најдобрата одлука, според наше наоѓање“, изјави Либерман за израелското радио.

Американската тајна служба и покрај сите вознемирувачки информации, очигледно не верува дека Иран во моментов поседува атомска бомба. Нема јасни докази дека Техеран сака да произведе бомба, пренесува „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на извори од тајните служби и соработниците на владата во Вашингтон.

Советот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија денеска во Виена ќе го разгледува прашањето околу иранската нуклеарна програма. До Советот е доставен последниот извештај  на шефот на МААЕ Јукија Амано. Меѓутоа, во него се укажува дека Иран значително го зголемил облагородувањето на ураниум. Техеран исто така изминатите два месеца не дозволи инспектори на ОН да добијат пристап до истражувачка постројка.

Автор: АТ/ АМ/ дпа/ дв

Редактор: Е. М. Фиданоска