1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иранско-арапска борба за моќ во Сирија

Иран, Саудиска Арабија и Катар активно им помагаат на конфликтните страни во сириската војна. На тој начин сакаат да постигнат пораст на влијанието во регионот и остварување на свои стратешки цели.

Во Сирија во моментов „паралелно“ се одвиваат неколку конфликти. Граѓанската војна почна пред повеќе од две години, но во неа брзо се вклучија и други држави. Војната меѓу сирискатa опозиција и сирискиот претседател Башар ал-Асад така се претвори во регионална и меѓународна „борба“ околу влијание.

Покрај западните држави, Русија и Турција, во Сирија се активни пред се‘ Иран, Саудиска Арабија и Катар. Тие трите исто така „војуваат“ во Сирија. Тоа е војна на заливските земји за влијание, која се одвива во сенка. Конфесионалните спорови на завојуваните страни, односно поделбата на сунити, шиити и алевити притоа игра само споредна улога.

Сирија е стратешки важна земја и за Иран. Режимот на Асад е единствен сојузник на Техеран во арапскиот свет. Сирија освен тоа е важен „мост“ кон проиранскиот Хезболах во Либан, објаснува Штефан Росини од хамбуршкиот ГИГА институт за блискоисточни студии. Техеран, Дамаск и Хезболах себе си се гледаат како фронт на отпорот кон израелските и западните интереси во регионот, тврди Росини во разговор за Дојче веле.

Што ако Асад падне?

Саудиска Арабија и Катар на другастрана сакаат да ги ограничат иранските амбиции за доминација во регионот, како и да го зголемат своето влијание. Пораз на владата во Дамаск тешко би го погодил Иран. Затоа овие две арапски монархии во голем стил ја помагаат сириската опозиција. Саудиска Арабија и Катар ги поддржуваат и антииранските групации во Либан. Но, притоа сепак следат различни стратегии, напоменува Росини. Саудиска Арабија со децении ги поддржуваше радикалните салафистички групи.

Iran Miliz Bassidsch

Иранци се борат на страната на Асад

По лошите искуства со Ал Каеда и саудиските доброволци во Авганистан, Саудијците станаа нешто попретпазливи. Многу воени ветерани по враќањето дома, саудиската држава ја означија за свој нов непријател. А сега повторно многу Саудијци заминаа на фронт во Сирија, доброволно.

„Затоа сега Саудиска Арабија е нешто поумерена во пружањето отпор“, тврди соговорникот од Хамбург. Катар, пак, е неискусен и им помага делумно и на радикалните струи.

Слично мислење има и политикологот Мехран Камрава од Универзитетот Џорџтаун во Доха.

„Катарците се нови протагонисти во играта, тие немаат искуство со праќањето борци и лесно вооружување во една земја што би можела да им наштети“, вели професор Камрава. Затоа катарската поддршка не е воздржана.

Тешко е докажливо праќањето оружје или пари на сириските завојувани страни. Но Иран, по се‘ судејќи, испраќа голема помош на режимот во Сирија. Сириската опозиција го обвини Техеран за испраќање оружје и елитни единици. Освен тоа, проиранскиот Хезболах рамо до рамо со сириската војска се бори против сириската опозиција, претежно сунитски бунтовници.

Испорака на оружје во големи размери

Заливските земји очигледно не се заморуваат со ембаргото за испорака на оружје. Судејќи по пишувањето на западните медиуми, Катар на сириската опозиција и‘ исплатил неколку стотици милиони американски долари. Наводно на бунтовниците преку Турција им е испорачано и оружје. Американските медиуми тврдат дека Саудиска Арабија меѓу другото го финансирала и купувањето хрватско оружје, кое преку Јадран стигнало до Сирија.

На почетокот на годината бившиот шеф на саудиската тајна служба Турки Ал-Фаисал рече: „Претпоставам дека испорачуваме оружје, а ако не го правиме тоа, би го сметал за голема грешка“.

Eröffnung Botschaft Syrien in Doha Katar

Сириската опозиција прво претставништво отвори во Катар

Заливските држави очигледно досега сепак не беа подготвени за испорака на потешко оружје на сириската опозиција.

Саудиска Арабија и Катар очигледно следат слична политика како Запад. Но, експертот за блискоисточниот регион, Росини, многу е скептичен кон „сојузот“ на овие две земји. Опасно е да се биде во друштво со двете заливски монархии, предупредува тој, укажувајќи дека тие не се само стабилизирачки фактор во регионот:

„Саудиска Арабија не ја интересира многу демократизацијата на Сирија. Тоа таа го покажа и во соседен Бахреин“, потсетува Росини.

Саудиска Арабија во 2011 година му помогна и воено на Бахреин, откако незадоволството и протестите на улиците добија загрижувачки размери за опстанокот на кралското семејство.

Конфесионален јаз

За „тројката“ - Иран, Саудиска Аарбија и Катар, улога игра и конфесијата. На една страна се конзервативните сунитски монархии, кои ги помагаат претежно сунитските сили кои се борат против режимот на Башар ал Асад. На другата страна е шиитската република Иран, која го поддржува режимот во Дамаск, а во кој главен збор водат алевитите. Таа заедница настана некогаш од шиитскиот ислам. Сепак, Росини и Камрава не мислат дека судирот околу јакнењето на позицијата во регионот меѓу овие три земји е првенствено борба меѓу шиитите и сунитите.

„Тоа е несакана последица на судирот“, коментира Камрава. Катарците и Саудијците сигурно конфликтот го гледаат низ перспективата на конфесионалните „очила“. Но, во прв ред сепак се работи за стратешки цели, додава Камрава.