1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Иранскиот пазар - колач вреден милијарди

Договорот меѓу Западот и Иран се развлече. Но стопанствениците сепак се на низок старт. Доколку паднат санкциите против Иран, експертите предвидуваат трка меѓу Европа и САД за освојување на пазарот на оваа земја.

Иако нормалното водење бизнис во Иран е само перспектива за иднината, деловниот свет на двете страни од преговарачката маса со напрегнатост ја слушаше најавата на американскиот претседател Обама, кој рече: „Би можеле да ги ублажиме санкциите“. Но тој уште изјави дека главниот дел од санкциите против Иран би останал. Директорот на независната организација „Национален иранско-американски совет“ во Вашингтон, Трита Парси, вели дека е неопходно укинување на санкцииите и предупредува: „Најголема опасност е санкциите на Западот да бидат пребавно укинувани. Така Иранците би стекнале впечаток дека Западот не ги исполнува сопствените ветувања. А тоа би можело да го попречи успехот на преговорите“, смета Парси, кој ги застапува интересите на Иранците во САД. Исто така, деловните луѓе на двете страни се практично на низок старт. Тоа добро го знае и експертот од Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон, Алекс Ватанка. Тој вели дека „Иранците веќе пуштиле пипки во американската бизнис заедница“. „Се надевам дека и американската деловна заедница позитивно ќе ја оцени оваа увертира и оти Вашинготн ќе ги укине санкциите за бизнисот да може да започне“, вели Ватанка.

Нафтените гиганти на нозе

И шефовите на американските нафтени гиганти, како што јавуват американските медиуми, се веќе подготвени. Медиумите јавуваат и оти тие веќе се имаат сретнато со министерот за нафта на Иран, Бијан Занганех, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. А американските нафтени компании не сакаат производството на нафта во Иран да им го препуштат на европските концерни Шел и Тотал. Занганех проценува дека со ублажувањето на санкциите на Иран годишно само од продажба на нафта во буџетот би му се влевале 55 милијарди долари.

Експертот Ватанка смета дека иранскиот пазар не е занимлив само поради нафтата и гасот и вели оти пари може да донесе и вложувањето во авионската индустрија и во телекомуникациите. Исто како и во автомобилската индустрија, па согласно тоа и Џенерал моторс во таа смисла веќе заземал стартна позиција. Францускиот весник Фигаро објави дека овој производител на автомобили од Детроит сакал да соработува со иранскиот концерн Кодро. А тоа од игра би го исфрлило францускиот автопроизводител Рено. Ватанка смета дека иранската логика им оди на рака на американските компании. „Големите компании од Германија, Франција, Велика Британија, Италија секогаш со една нога биле во Иран. Но јас сметам дека приоритет на Техеран е сѐ повеќе фирми од САД да доведе во Иран, бидејќи компаниите кои дејствувале таму пред Исламската револуција во 1979 година биле прилично добро котирани. А надеж се полага и во тоа дека фирмите кои би заработувале пари во Иран би биле баланс за лоби групите во Вашингтон кои се многу антиирански расположени“, вели овој експерт за Иран на Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон.

Но, трката не започна само поради автомобилите. Со речиси 80 милиони жители Иран е најголемо потрошувачко општество на Блискиот Исток. За да обезбедат дел од овој колач, чија вредност брои милијарди, на низок старт се како Европејците, така и Американците. Само да паднат санкциите.