1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ирак повторно потресен од тежок терористички акт со десетици жртви - дело на Ал Каеда?

Може ли и овој најнов напад да е дел од наводниот план за предизвикување граѓанска војна уште пред предвиденото предавање на власта, за кого станува збор во документот што уште во јануари го заплениле американските окупациони сили, но информацијата за тоа сега се проби во јавноста? Експертски тим на ОН е на терен во Ирак со цел да ги испита можностите за одржување парламентарни избори како предуслов власта да ја добијат претставници легитимирани од целото население.

Автомобил-бомба, според изјавата на некој полицаец, бил паркиран пред полициска станица во Искандарија, 40-ина километри јужно од Багдад. Од експлозијата се урнале делови на станицата, како и на зградата на судот.
Болницата во градот не може да излезе на крај со големиот број повредени и многумина од нив се префрлени во Багдад или во болницата на трупите од Полска стационирани таму. Сите жртви се жители на градот - цивили, но има и неколкумина полицајци, извести Имад Лифти, гувернер на провинцијата. Нападот потсетува на атентатот пред главното седиште на американската цивилна управа за Ирак од 18-ти јануари: и овој пат бомбата експлодира пред контролниот пункт на влезот, во момент кога стотици луѓе биле собрани за да исполнат пријави на конкурс за прием во полициска служба.
Ирачката полиција најчесто на удар на напади, поради соработката со американските окупациони трупи.
Планирано е во иднина ќе бидат востановени безбедносни прстени околу големите градови во земјата, извести шефот на полицијата Ахмед Касим Ибрахим. Планот досега не е реализиран бидејќи недостасува телекомуникациона опрема.
Напади од различен интензитет има речиси секојдневно откако американскиот пртетседател Џорџ Буш на 1-во мај минатата година објави крај на воените дејствија во Ирак.
Одговорноста за нив САД им ја припишуваат на приврзениците на соборениот диктатор Садам Хусеин и на муслимански екстремисти од странство - приврзеници на терористичката мрежа Ал Каеда. Во меѓувреме Американците наводно располагаат и со документ - писмо во кое од раководството на терористичката мрежа Ал Каеда се бара поддршка за стратегиски план за предизвикување крвопролевање меѓу сунитските и шиитските муслимани уште пред планираното предавање на власта во рацете на Ирачаните. Содржани се и предлози како самоубиствени атентати против шиитски установи во Ирак во наредните месеци. "Планот предвидува елементи на Ал Каеда да ги нападнат Шиитите и нивни установи и тоа во такви размери, што како контрареакција би предизвикале напади на Шиитите врз арапските Сунити. Во основа, документот е молба за согласност и поддршка за тој план" - вели репортерот на "Њујорк Тајмс" Фил Декстер, кој го имал на увид писмото.
Американските власти сметаат дека зад писмото стои Јорданецот Мусаб ал Саркави, кого од поодамна го сомничат дека од Ирак одржува врски со Ал Каеда. Американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел прокоментира дека е ова доказ за тврдењата оти Ал Каеда е активна во Ирак.
ОН во меѓувреме се обидуваат да утврдат дали е можно организирање слободни парламентарни избори во Ирак уште пред предавањето на власта, што го бараат повеќемина сунитски водачи. Генералниот секретар Кофи Анан соопшти дека извештајот на експертскиот тим што се наоѓа во Ирак, ќе биде поднесен уште во текот на месецов.
Работата добро напредувала и веројатно за една недела ќе биде завршена. Ако оценката биде негативна, ОН ќе претстави и можни алтернативи, најави Анан.