1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Информираноста поттикнува промени

Наградата на фондацијата „Роланд Бергер“ за човеково достоинство оди во рацете на „Репортери без граници“, како и иранската носителка на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади. Кои се целите на новинарската организација?

default

Слободата на печатот е основа на демократското општество

Во 1985 година неколку новинари ги поставија темелите на организацијата „Репортери без граници“ во Монпелје, на југот на Франција. Тие му се посветија на надгледувањето на слободата на мислењето и печатот, едно од основните човекови права, како што стои и во членот деветнаесет од „Универзалната декларација за човекови права“ на ОН од 1948 година.

Информираноста поттикнува промени. Само ако независно се информира за неправди, злоупотреба на моќта или корупција, се врши и јавна контрола, луѓето можат слободно да го оформат своето мислење и се задржува балансот меѓу различните интереси во општеството. Со други зборови: слободата на печатот ја сочинува основата на демократското општество.

Затоа „Репортери без граници“ ја набљудуваат и документираат состојбата на медиумите во повеќе од 150 земји. Организацијата располага со мрежа од преку 120 дописници и многубројни невладини организации. Главното седиште на „Репортери без граници“ е во Париз, меѓутоа има уште четири канцеларии и девет секции ширум светот.

Ранг-листа за слободата на медиумите

BdT Pressefreiheit Reporter ohne Grenzen

Од една од кампањите на „Репортери без граници“

Од 2002 година организацијата го објавува годишниот индекс за слободата на медиумите, еден вид ранг-листа за медиумската слобода во светот. Партнерите на „Репортери без граници“ пополнуваат прашалник. Тој се состои од прашања во врска со насилни напади, убиства или апсења на претставници на медиумите, но има и прашања за индиректни притисоци врз слободата на печатот. На тој начин настанува индексот, со кој се мери само слободата на печатот во 167 земји, меѓутоа не и квалитетот на новинарството.

Организацијата им дава поддршка на новинари на кои им се упатени закани, со тоа што се грижи да им обезбеди правна помош или да побегнат од физичката закана. Таа ги поддржува независните медиуми, чија егзистенција е загрозена со цензура или забрана, или, пак, чии постројки за производство и пренесување на програмата се уништени. И не помалку важна е заложбата на „Репортери без граници“ правно да се гонат лицата, кои извршиле напад врз новинари.

Ден против интернет-цензурата

Grafik Reporter ohne Grenzen 24 Stunden Klicken gegen Internetzensur

Плакатот за „Ден против интернет-цензурата“

Организацијата реагира и на цензура на интернетот. Годинава на дванаесетти март се одржа „Ден против интернет-цензурата“. Пример за ваков вид цензура беше ситуацијата во Кина, која се обиде за време на Олимписките игри да доминира на онлајн платформите и да го манипулира дијалогот што се одвиваше преку нив. Меѓу т.н. „Дванаесет непријатели на интернетот“ се наоѓаат уште и Иран, Египет, Северна Кореја, Бурма, Саудиска Арабија и Куба.

Токму затоа, меѓународната новинарска организација повеќепати била наградувана. Во 2005 година ја доби наградата за човекови права „Сахаров“, што ја доделува Европскиот парламент, а во 1997 година беше одликувана и со „Награда за новинарство и демократија“, доделена од ОБСЕ, а оваа година ја добива и наградата за човеково достоинство од фондацијата „Роланд Бергер“.

Автор: Благородна Григорова / Тосев Трајче

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска