1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Интер подобар од големата Барселона

Интер го совлада шпанскиот и европски шампион Барселона со убедливи 3:1 во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите. Вечерва во Минхен, во второто полуфинале се среќаваат Бајерн и францускиот Лион.

default

Играчите на Интер го слават третиот гол на Милито

Екипата на милански Интер го совлада актуелниот европски шампион Барселона со 3:1 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. За италијанските прваци поголемиот дел од мечот го одигра и македонскиот репрезентативец Горан Пандев кој директно учествуваше во акцијата при постигнувањето на вториот погодок. Барселона поведе со голот на Педро во 19-тата минута, но Интер израмни преку Весли Снајдер само десет минути подоцна. Вториот дел, Интер го започна далеку подобро од гостите, и веќе во 48-та минута со голот на Мајкон поведе и со 2:1. Конечниот резултат го постави Диего Милито во 61-та минута, по една сомнителна офсајд ситуација во противничкиот шестнаесетник.

Барселона до крајот имаше неколку изгледни прилики да го ублажи поразот, но нејзините играчи не беа најприсебни пред голот на миланскиот тим. И покрај забелешките на судењето, тренерот на Барселона Пеп Гвардиола го призна поразот кој е веројатно најтешкиот за неговиот тим во последниве две сезони.

Доколку биде поуспешен и во реваншот за седум дена, тренерот на Интер, Жозе Мурињо ќе има шанса да стане третиот тренер во историјата на Лигата на шампионите кој ја освоил титулата со две различни екипи. Досега тоа му успеало на Фабио Капело и на Отмар Хицфелд.

Бајерн фаворит против Лион

Fußball Bundesliga FC Bayern München und Hannover 96 Arjen Robben, Ivica Olic und Philipp Lahm Flash-Galerie

Бајерн има голема шанса да стигне до финалето

Второто полуфинале е на програмата вечерва во Минхен. Бајерн е фаворит против францускиот Лион, но медиумите во земјата стравуваат дека врз играта на германскиот тим би можел да влијае секс-скандалот во кој е вплеткан еден од нивните најдобри играчи Франк Рибери. Почесниот претседател на Бајерн, Франц Бекенбауер се надева дека аферата во која неколку играчи на француската репрезентација се осомничени за секс со малолетничка, нема да влијае врз Рибери. „Прочитав и јас дека постои можност и тој да виде вплетан во тоа. Повикан е како сведок, и тоа очигледно нема да го направи среќен. Но Франк Рибери е играч кој кога ќе ја види топката, кога е на стадионот, тогаш го интересира само топката“, уверен е Бекенбауер.

Реванш натпреварите од полуфиналето се на програмата веќе следната недела, а финалето е закажано за 22 мај во Мадрид.

Автор: БГ/ЕМФ/дв/афп

Редактор: Александра Трајковска