1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Интерпол се вклучува во потрагата по осомничените за масакрот

Македонското министерство за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по двете лица кои се осомничени дека ги убиле четирите момчиња и 45-годишниот жител на Црешево, а кои се во бегство.

Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од денеска (03.05.2012) во потрагата по двете лица осомничени дека се директни извршители на злосторството кај Смиљковското езеро, а кои се во бегство, се вклучува и Интерпол.

Интерпол ќе ги бара Алил Демири роден 1985 година и Африм Исмаиловиќ роден 1980 година, двајцата во Скопје. МВР врз основа на наредба на Основниот суд Скопје 1–Скопје, распиша централна и меѓународна потерница по двете лица кои се под истрага за сторено кривично дело „тероризам” , во врска со петкратното грозоморно убиство кај смиљковското езеро.
Како што денеска соопшти МВР, од страна на Основниот суд Скопје 1 на двајцата осомничени во отсуство им е изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена. Осомничените се во бегство и се уште се недостапни за органите на прогонот.
Министерство за внатрешни работи стапило во директен контакт и со косовските служби за размена на податоци и информациии околу лицата по кои се трага.

Министерката Јанкуловска денеска уште истакна дека материјалните докази кои полицијата ги претставила пред судот биле доволно убедливи за судот да утврди мерка притвор и понатаму да продолжи со истрагата.

„Ние продолжуваме со дел од вештачењата кои сe‘ уште не се завршени заради објективни причини, бидејќи сепак, се работи за голем материјал за кој е потребно дополнително време. Истрагата во таа насока продолжува и понатаму. За нас најважно во овој момент е да ги направиме сите дополнителни напори кои се потребни за да ги обезбедиме преостанатите две лица“ изјави Јанкулоска.

Таа вели дека сe’ уште е рано да се зборува за тоа дали овие лица биле поврзани со некоја терористичка организација од надвор.

Ослободени десетмина уапсени во „Монструм“

Во меѓувреме, десетмина од вкупно 20-те лица кои беа уапсени во акцијата „Монструм“, по 48-часовен притвор излегоа на слобода. Според адвокатот на дел од осомничените, Насер Рауфи, уапсените биле пуштени од притвор бидејќи сите биле роднини на осомничените и имале законско право да не сведочат против нивните роднини.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека лицата не се товарат за кривично дело „тероризам“ .

„По однос на овие лица ние практично направивме одредени проверки, нашите сомневања одеа во насока за евентуална нивна поврзаност со сторителите и нивните поддржувачи. Значи, од самиот почеток на истрагата ние имавме едни прелиминирани согледувања за бројот на сторителите, што понатаму се потврдија како точни до овој момент до кој сме дојдени со истрагата. Несомнено, за да се изврши терористички акт, за да се изврши кривично дело со толку тешки последици, се претпоставува дека тие лица кои се непосредни директни учесници во терористичкиот акт имале одредени конекции, поддршка, логистика. Токму заради тоа беше потребно да се направат повеќе анализи да се извршат разговори со повеќе лица и да се направат проверки кои целосно ќе ја расветлат оваа ситуација“, рече Јанкулоска.

Против десеттемина ослободени МВР поднесе посебен извештај и побара краткорочен притвор затоа што изрази сомнежи дека помагале во вршење тероризам.

Во акцијата беа приведени вкупно 20 лица, меѓу кои петмина се осомничени дека се директни извршители на масакрот. Двајца од осомничените за убиство се во бегство, а на помагачите и на еден кој е осомничен за директно извршување на убиството им е одреден 30-дневен притвор кој ќе го издржуваат во Битола. Четворица се осомничени за нелегално поседување оружје и одреден им е 30-дневен притвор кој ќе го издржуваат во Прилеп.