1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Интернет порталите ги заменија весниците во Германија

На новинарстото во Германија не му цутат рози. Тиражите на весниците опаѓаат, а он-лајн изданијата се во подем. Ова се рефлектира подеднакво врз новинарите и нивниот краен производ

default

Брзото новинарство, не е секогаш квалитетно!

Интернетот и социјалните мрежи колку придонесуваат за брзото ширење на информациите, толку ги подриваат поимите за она што треба да го има квалитетното новинарство. Место со дневен весник и кафе, денот започнува со компјутерот и он-лајн изданијата во кои доминираат куси агенциски вести и скандали, кои пак се повеќе читани отколку сериозните истражувачки стории во кои е вложен многу поголем труд и време.

„Нашите вредности особено се ориентираат кон кредибилитетот на нашата работа. Еден поглед во дневните случувања покажува каде се актуелните и идните проблеми на медимскииот систем, перцепцијата на јавноста и влијанието од политиката“, истакна Михаел Конкен, претседател на германското здружение на новинарите. Тој подвлекува дека базичната вредност останува слободата на печатот која и во Германија, се’ уште не го достигнала светскиот врв. По легислативата, егзекутивата и судството, се вели дека новинарството е четвртата сила во Германија. Колку е навистина така?

Столб на демократијата

„Задачата на новинарството е критички да истражува и да информира, да ги открива скандалите. Овие задачи сериозно се сфатени.Мислам дека новинарството во Германија е функционален столб на демократијата“, дополнува и Хендрик Цернер, гласноговорник на Германското здружение на новинарите, кој не крие дека социјалната положба на новинарите станува се’ потешка. Од околу 370.000 новинари една третина се слободни автори, а две третини се со стално вработување. Во безмилосната конкуренција,слободните се борат за секој хонорар кој од месец во месец е поредок и се’ понизок, додека стално вработените војуваат за пофер тарифни договори.

Hendrik Zörner Pressesprecher DJV

Најтешко им е на слободните новинари! Хендрик Цернер, портпарол на Германското здружение

„Слободните новинари просечно месечно заработуваат нешто повеќе од 2.000 евра. Стално вработените пак, зависно од местото каде се ангажирани, во весник или радио, добиваат најмалку двојно повеќе “, истакува Цернер, според кого ситуацијата во иднина уште повеќе ќе се влоши зашто на медиумскиот пазар има премногу слободни новинари и нема никакви ограничувања. Секој може да работи како новинар доколку најде простор својот труд, прилог, напис да ги продаде. Цернер смета дека состојбата е тешка и дека за нејзино подобрување единствено решение е специјализација на новинарите во ресорите кои ги покриваат. Слободните ова веќе го имаат и увидено и врз таквиот принцип многумина и работат.

Што се однесува до инвазијата на интернет портали, дел од нив се он-лајн филијали на весниците. Навистина тиражите на класичните весници бележат намалување, но се компензираат со кликовите на интернет порталите. Таму главно е: веста да стаса брзо, а помалку се обрнува внимание на квалитетните и истражувачки стории. Вистински бум се и порталите со скандалозни приказни за популарни личности од јавниот живот. Растечкиот тренд на ваквите он-лајн изданија, експертите сметаат дека нема да сопре, а новинарите, сакале или не, доколку сакаат да останат во браншата ќе мора да се адаптираат на новиот медиумски пазар.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски

Поврзана содржина