1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Интернет обука за трето доба

Пензионерите од Битола неодамна започнаа интернет обука за подобро комуницирање со своите блиски во странство, но и за други потреби. Интересот е многу голем.

Велат за знаење никогаш не е доцна, само треба да се има добра волја и желба да се научи нешто ново. Здружението на пензионери од Битола тоа го докажува  на дело со штотуку започната интернет обука за нивните членови, пензионери.

Со отварање на бесплатното интернет кафе во битолскиот Безистен од страна на македонската  Влада многу од пензионерите од Битола имаа можност бесплатно да разговараат со своите блиски во странство.

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien

Битола

  „Многу од пензионерите  не ги знаеја ни најосновните операции па затоа им помагаа  некои млади инженери по информатика, да ги научат основите за ракување со интернет. Имаше и такви кои ги учеа основите на компјутерот‘‘, појаснува  за ДВ, Томе Илиоски претседател на Здружението на пензионери од Битола. „И така дојдовме на идеја да организираме бесплатен курс по интернет, прв од  ваков вид во Македонија. Првиот  интернет курс  ќе трае до крајот на јануари. Потоа планираме да имаме уште два - три вакви  интернет курса, бидејќи интересот е  многу голем‘‘,  потенцира Илиоски.

Од Здружението на пензионери на Битола најавуваат продолжување на повисок степен на компјутерска  обука, а воедно и изучување на англискиот јазик за подобро ракување на компјутерот.

Интернет обука за  подобра комуникација со роднините во странство

Цветанка Ангелковска пензионерка е една од посетителите на почетниот курс по интернет вели  „По малку знаев  да ракувам со компјутер и интернет, но сакам да научам нешто повеќе. Синот ми е во Америка и интернетот го користи за  комуникација со него. Едвај чекам да дојде секој нов час, зошто сакам уште и уште повеќе да научам. Се радувам што наскоро ќе имаме и курс по англиски, а што ќе ми овозможи полесно користење на компјутерот‘‘, потенцира Ангелковска.

Стеван Бојаџиев 72 годишен пензиониран економист, вели дека е многу среќен што е еден од слушателите на курсот. Со компјутерот се запознал уште на работа, но знаел само да напише „и-меил“ и толку. „Сакам да научам многу повеќе за да бидам во тек со настаните во светот, да пребарувам по разни страници, да читам вести и слично. Исто така преку интернет ќе можам подобро да комуницирам со своите роднини во странство‘‘, потенцира Бојаџиев.

Пензионерите се трудат максимално да го научат интернетот

Во интернет –кафето во битолскиот безистен, каде што се одржува обуката владее вистинска работна атмосфера. Кој со очила, кој со помош на обучувачот се обидува да ги најде буквите на тастатурата, командите на екранот, да ги прочита текстовите, да напише порака преку е маил и да се допишува.

Некои од нив долго време користат компјутер, ама првпат се сретнуваат со интернет. Стефан Димовски магистер по информатика обучувач на курсот, од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, кои на иницијатива на Здружението на пензионери го организира бесплатно курсот појасува:  „Ние сме презадоволни од пензионерите и нивниот голем интерес. Тие се добри слушатели и се трудат максимално да научат. Поради тоа, јас сум мотивиран уште повеќе да се ангажирам, а ми помагаат и некои мои помлади колеги. Ова е можност за комуникација меѓу генерациите и подобро запознавање и дружење. Ние ги учиме нив, но има и многу работи кои можеме и се трудиме да ги научиме од нив, зошто пензионерите се полни со животно и работно искуство‘‘ , потенцира Димовски.

Поврзана содржина