1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Интернет компаниите дуваат нов меур од сапуница

„Дотком“ компаниите се враќаат на берзите во голем стил. Фирмите како Линкедин, Пандора, Твитер и Фејсбук бележат енормни успеси. Но, за некои аналитичари, ситуацијата е многу слична на онаа од почетокот на веков.

default

Актуелните, помалку напумпани проценки за успешноста на одредени интернет платформи неизбежно потсетуваат на крајот на минатиот век, кога тогашните интернет компании доживеаја крах на берзите и придонесоа за колапсот на американската економија. Огромниот меур од сапуница, одеднаш, со силен удар, се распрсна. Сега експертите се прашуваат дали е можеби на повидок нова слична криза?

Примери за ваквите најави има многу. Њујоршките берзи со одушевување го дочекаа новото онлајн радио Пандора, иако овој проект сам по себе не носи ниту цент профит. Или вториот пример со акциите на Линкедин чија вредност беше удвоена за само неколку часа по нивното појавување на берзата. Со зборовите „овде владее лудило“, водителката на ЕјБиСи го опиша појавувањето на оваа социјална мрежа на берзата.

Фејсбук вреди повеќе од „Хјулит Пакард“

За разлика од пропаднатите интернет фирми од минатиот век, кои во огромен број излегуваа на берзите, а притоа немаа никаков бизнис-план, ниту идеја, овојпат не се работи за стотици мали компании, туку за десетина, релативно поголеми и помоќни фирми. И резултатите кои ги постигнуваат наизглед се импресивни. На пример, повеќе од 90 милиони луѓе го користат интернет-радиото Пандора. Но проблем, сепак, постои и се состои во фактот што и покрај огромната популарност оваа фирма остварува многу мал профит. Отука тешко е да се оправда проценката на пазарот дека нејзината вредност е околу 3 милијарди долари.

Фирмата Зинга, која произведува популарни интернет-игри, како Фармвил, исто така влезе на берзата. Компанијата лани забележала профит од околу 90 милиони долари, а по појавувањето на берза, нејзината вредност беше проценета на 10 милијарди долари.

Конечно, експертите проценуваат дека социјалната мрежа Фејсбук, која има импресивна бројка од 750 милиони корисници, доколку следната година излезе на берза, како што се најавува, би имала проценета вредност помеѓу 100 и 200 милијарди долари. Само за споредба: Хјулит Пакард, најголемиот производител на персонални компјутери во светот, е проценет на 70 милијарди долари.

Händler in der Frankfurter Börse

Берзите повторно еуфорично регираат на новорангираните интернет компании

Експертите повикуваат на претпазливост

Бо Пибоди, има своја интернет-платформа уште од 90-те години на минатиот век. Во меѓувреме, тој се’ уште инвестира во интернет фирмите, но вели дека ги избегнува социјалните мрежи, бидејќи не може да ја препознае нивната вредност.

„Социјалните мрежи, всушност, не се вистински компании. Тие се финансираат од реклами, а во таков тип на социјална комуникација е многу тешко да се внесат реклами“, вели Пибоди.

Експертот Скот Кеслер, пак, верува во рентабилноста на технолошките фирми, но вели дека притоа не треба да се инвестира премногу во новите интернет „ѕвезди“, туку во етаблираните компании како Јаху или Гугл.

За сега експертите велат дека само радикално зголемување на бројот на нестабилни компании на пазарот може да доведе до крах сличен на оној од 90-те години. Во моментов, тврдат тие, нема причина за страв или паника. Но, тоа сепак не значи дека вложувањето во акции на Пандора, Фејсбук или Твитер може да се смета за сигурна инвестиција.

Автор: Јенс Корте / Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски