1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Интересот за Македонија и Балканот не е „секси“

Д-р Клаус Шрамајер за ДВ говори за незаинтересираноста на Унијата за Македонија и пропуштените шанси да се реши спорот со името. Македонија била премногу мирољубива. Грците мора да се фатат на трик, вели Шрамајер!

ДВ: Господине Шрамајер, три години бевте амбасадор во Македонија, но и по заминувањето впечаток е дека врската е останата. Од каде и како стигнавте во земјата?

Шрамајер: Во Македонија дојдов од Софија каде бев на служба. Всушност, бев многу радосен да заминам од Софија, зашто Скопје изгледаше како светски град, модерен, безбеден. Министер за внатрешни работи тогаш беше Фрчковски. Во Софија владееше мафијата и имав впечаток дека Скопје е добро менаџиран, добро воден град. Во текот на годините за жал тоа се промени. Мафијата од Софија како да се прошири. Но, на почетокот работата беше како од соништата: во град, со трговски центри и исти работи како на Западот.

ДВ: Од 1996 до 1999 година бевте германски амбасадор во Македонија. Време по ембаргото, во кое земјата беше кревка.  Можеше ли тогаш да се реши спорот со името?

Шрамајер: Всушност не разбирам зошто тогаш претседателот Глигоров посилно не се обиде до крај да ја регулира целата работа. За ова никогаш не разговаравме, зашто не сакав да се мешам. Но, се прашував и зошто нема обиди за помирување во односите со Албанците. Имав впечаток дека Глигоров по атентатот не беше оној истиот „господар на своите сили“. Црвенковски, пак, многу за ова како да не се интересираше и сметам дека во тоа беше трагедијата. Спорот со името не беше вистински и сериозно сфатен, исто така и соработката со Албанците, во која имаше конфронтации. Имаше се сеќавам случки со знамето во Тетово, што не беше добро и сметам дека од страна на македонската влада требаше да има поголема широкоградост.

Пропуштени шанси

ДВ: Другите делови од Југосавија, Србија, Хрватска, минаа  низ војни. Тие имаа своевиден залог – предавањето на генералите и воените злосторници во Хаг. Македонија беше мирољубива, немаше што да и даде како залог на Европската унија. Во конкретниот случај беше тоа плус или минус?

Шрамајер: Тоа е голем плус, кој за жал не беше ценет, зашто се внимава само на оние кои сматуваат, кои предизвикуваат невољи, исто како и во весниците, секогаш се пишува кога има војни и мртви. За весниците не е тема кога е мирно и кога ништо не се случува. Тоа е трагедијата на Македонија: таа беше премногу кротка.

Dr. Klaus Schrameyer

Македонија беше мирољубива и премногу кротка! Клаус Шрамајер



ДВ: Дали сметате дека по косовската криза можеше да се направи поголем притисок и прашањето да се реши?

Шрамајер: Тогаш не ја разбирав македонската влада, Љубчо Георгиевски добро не се испазари. Тогаш беше приказната и за Тупурковски и признавањето на Тајван. Сметам дека Владата не беше целосно хомогена. Не знам дали шансата беше пропуштена, дали Грција ќе седнеше на преговарачка маса, но требаше барем да се направи обид.

ДВ: Има малку германски политичари кои се ангажират околу Македонија. Зошто?

Шрамајер: Затоа што тоа не е „секси“ работа! Денес е така дури и кога си истражувач. Ако се занимаваш со Русија, или земјите наследнички на Советскиот сојуз, со Киев, тогаш секој се интересира. Но, за  Балканот - кој денес се интересира за Балканот? Освен тоа во странство не гледам никој од Македонија кој би бил забележителна фигура. Македонците на Западот како да се изгубија! На пример, претседателката на Бразил има бугарски корени, но во странство човек ништо не слуша од Македонија.

Грците да се фатат на трик!

ДВ: На предавањето во Лајпциг говоревте за историјата на спорот со името во изминативе 20 години, предлозите, решавањето. Зошто Европа не презема ништо?

Шрамајер: Не знам, не разбирам, би сакал од Вас за тоа да слушнам. Претпоставувам дека сите сметаат дека Грција е поважна, од, во нивните очи - „целосно неважната Македонија“. Тие не ја познаваат Македонија! На политичарите им’ недостасуваат стручни познавања. Знаете, не ги разбирам и  Македонците. Кога би бил јас Македонец би рекол: Вие Грци можете да не' именувате како сакате, прифаќаме се’. И штом ќе станеме членка на ЕУ и НАТО ќе се нарекуваме онака како што ние сакаме.

ДВ: Дали е можно такво нешто?

Шрамајер: Не знам, но јас би се обидел. Грците мора да се фатат на трик, да се изиграат!

ДВ: Сите чекаат нешто да се случи  на јунскиот самит на Европскиот совет!

Шрамајер: Нема ништо да се случи. Сега Турција става се’ под сенка. Потоа Блискиот исток е „секси“, но не и Балканот. Би требало да има војна па пак да биде интересен. Тоа е глупава игра и е бесконечно жално што е така. Но, ве молам, немојте поради ова на Балканот да иницирате нови војни! 

Поврзана содржина