1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Интересни избори“ пред Србија

Србија е пред нови парламентарни, покраински и локални избори. Се’ уште не се знае што ќе биде тема на кампањата, но се очекува партиите да извадат релативно нови кадровски понуди.

Србија влегува во нов изборен циклус со малку променети изборни правила. Со измените во законот за народните претставници е укината бланко оставката. На изборните листи најмалку секој трет кандидат мора да биде жена, а партиите по првпат ќе мораат да поднесат т.н. изборна гаранција, ако сакаат да користат средства од буџетот. Изборната гаранција ќе мораат да ја вратат во буџетот, ако на изборите не освојат еден отсто од гласовите, односно 0,2 проценти ако станува збор за партија од малцинствата. Тоа е утврдено со законот за финансирање на политичките активности.

Политичките партии по изборите нема да можат да одредуваат кои кандидати за пратеници ќе влезат во парламентот, бидејќи ќе мораат да се делат по редоследот на кандидатите на изборните листи, почнувајќи од првиот на листата.

На свој начин во изборите се вмеша и Републичката радиодифузна агенција (РРА). Таа пропиша дека во предизборната кампања една изборна листа или еден кандидат можат дневно да изнајмат пет минути време на телевизија или радио станица, а на медиумите ќе биде дозволено во текот на еден ден да прикажуваат максимално 90 минути платена предизборна програма и тоа исклучиво надвор од ударните термини. Претствојните избори во Србија се први редовни четиригодишни избори по 1997-ма година.

Луѓето се зажелеа за избори

Flash-Galerie Tomislav Nikolic

Српската напредна партија на Томислав Николиќ е најсериозниот противник на Демократската партија на претседателот Тадиќ

Ѓорѓе Вуковиќ, програмскиот директор на ЦЕСИД, за Дојче веле објаснува дека не очекува некоја посебно негативна предизборна кампања, бидејќи Србија постепено ја подобрува својата демократска култура. Но, факт е дека новите избори ќе бидат интересни од повеќе причини.

„Пред се’ тие се неизвесни. Едноставно, тешко е со сигурност да се каже кој би можел да ја формира следната влада. Тоа е едната работа. Немаше избори четири години, значи луѓето малку и се зажелеа за избори. Во еден момент ние ги избираме сите најзначајни институции, освен претседателот на државата. Барем за сега е така. Ќе видиме што ќе биде со тоа до крајот. Така што, поради тие три услови можеме да очекуваме некоја доста висока излезност или излезност која ќе биде во најмала рака просечна, како на неколку претходни парламентарни избори“, вели Вуковиќ.

Прокоцкан цел мандат

Редовните избори по долг временски период покажуваат дека и во политички поларизираната Србија може да се направи политички договор, којшто обезбедува целосен мандат, оценува за Дојче веле политикологот Јован Комшиќ. Проблем е само тоа што очекувавме повече резултати од владата што издржа целосен мандат, нагласува тој.

„За жал, што поради објективни околности и криза, што поради карактерот на политиката на српската влада, ми се чини дека не се исполнети толкавите очекувања од шансата што ја даваше целосниот мандат“, забележува Комшиќ.

Се’ уште не се знаат главните теми

Со оглед дека изборите се одржуваат во нова институционална рамка, бидејќи има нов закон за финансирање на политичките активности и нов закон за избор на народните претставници, политичките партии го почекаа ударот во гонгот за да тргнат во една жестока изборна кампања, оценува за Дојче веле Славиша Орловиќ, професор на Факултетот за политички науки.

„Се’ уште не се знае, од една страна, што ќе биде тема или рамка на кампањата и со каков програмски концепт ќе излезат партиите. Од друга страна, се очекува партиите сепак да излезат со релативно нови програмски и кадровски промени. И, тоа малку се компликува со новиот систем според кој ќе бидат затворени листите, бидејќи секој трет на листата треба да биде жена, а посебно кај предизборните коалиции тоа не е едноставно да се вкомпонира“, забележува професорот Орловиќ.

Boris Tadic zur Verhaftung von Goran Hadzic

Претседателот Тадиќ ги распиша изборите за 6-ти мај

Кој со кого не сака во власта?

Мнозинството од главните политички партии веќе нагласија со кого никако не би создавале предизборни или постизборни коалиции. Славиша Орловиќ вели дека, за жал, по ова прашање во Србија важи правилото – никогаш не вели никогаш.

„И, да – партиите не се гадат една од друга. Кога по изборите доаѓа до собирање на 126-те неопходни пратеници за формирање на новата влада, секогаш се можни изненадувања“, забележува Орловиќ.

Јован Комшиќ смета дека е јасно кој со кого не сака во политичка коалиција и дека поради тоа по изборите Србите би можеле да се соочат со некои дилеми.

„Дали да се распишат нови избори, поради таквите резултати од изборите, кои не овозможуваат стабилно мнозинство во српскиот парламент, дали на едниот или другиот партиски стожер или, пак, во име на зачувување на стабилноста на државата и стабилизацијата на курсот кон ЕУ да се прифати голема коалиција. И покрај тоа што сека е кажано НЕ, по изборите можеме да дојдеме до тоа да се заборават исклучивите предизборни политички позиции“.

Опасност од „в.д. состојба“

Мандатот на претседателот на Србија истекува во февруари следната година и многу се шпекулира за тоа и тие избори да се одржат заедно со локалните и парламентарните избори. Но, вонредните претседателски избори со себе повлекуваат и оставка на претседателот на државата, а веројатно е подобро да имаме институции и тие да функционираат, дури и во околности кога се води кампања за парламентарните избори, смета Орловиќ. Јован Комшиќ вели дека предвремените претседателски избори би биле ризичен потег и создавање на едена в.д. состојба во еден нималку едноставен политички момент.

Автор: Ивица Петровиќ / Александар Методијев

Редкатор: Симе Недевски