1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Интервју на Папата Бенедикт 16-ти

Папата Бенедикт 16-ти деновиве даде интервју за најголемите германски ТВ куќи, Првата и Втората програма на јавниот ТВ сервис, како и Дојче Веле - телевизијата.

Папата Бенедикт 16. за време на интервјуто

Папата Бенедикт 16. за време на интервјуто

Ова е своевидна светска премиера, имено за прв пат во историјата еден Папа им дава опширно интервју на германски новинари. Поглаварот на Католичката црква ги прими новинарите на трите куќи плус на Радио Ватикан во летната резиденција во Кастел Гандолфо, при што одговараше на прашања од полето на политиката, религијата и општествените текови. Ви пренесуваме делови од 35-минутното интервју.

Интервјуто со Папата Бенедикт 16-ти е еден вид подготовка за неговата скорешна посета на Германија од 9. до 14. септември. Како главна причина за доаѓањето во татковината, 79-годишниот Папа ја наведува желбата да ги посети уште еднаш местата и луѓето кои извршиле големо влијание врз неговиот животен тек. Секако дека и ова, како и секое друго папско патување, има и мисионерски налог. Бенедикт 16. ја гледа соработката меѓу народите, како и заедничката потрага по мир и помирување, како темелна порака на христијанството. Според него, меѓутоа, христијанството воопшто не наидува повеќе на доволно разбирање во Германија и во цела Западна Европа. Причината за тоа Папата ја гледа во тоа што:

„... во Западниот свет денес доживуваме ново драстично просветување или ширење на лаицизам. Тешко е да се верува бидејќи целиот свет што го среќаваме околу нас е направен од нас луѓето и во него Бог не се среќава така директно.„

Бенедикт 16. истовремено констатира и уште еден тренд во Западниот свет, имено, прифаќање на религијата, но не и на верата. Тоа може да се должи според него на интензивираните контакти на западната со други култури, кои исто носат силна религиозна порака:

„Западот го допираат други култури, во кои изворната религиозност е многу силна. Луѓето од овие култури дури знаат да се преплашат од религиозното студенило што го среќаваат на Западот. Присуството на светоста во другите култури силно не‘ допира

и во Германија и на Западот се‘ повеќе се јавува прашањето за нешто поголемо, повозвишено во животот.„

Иднината на Католичката црква ионака не е во Европа, туку на другите континенти. Околу ова се согласни сите експерти. Папата се обидува да ги истакне позитивните вредности на таквиот развој, нагласувајќи дека црквата станува повеќегласна и дека во неа сега се слушаат и други темпераменти - од Африка и од Азија.

„Сите бискупи од другите краишта на светот велат: Европа ни треба и понатаму. Значи не смееме сега да капитулираме и да се затвориме меѓу нас Европејците, туку треба да останеме и понатаму динамични и да влегуваме во натамошен контакт со другите култури.„

Така за африканскиот континент Бенедикт 16-ти решението го гледа во натамошно засилување на воспитниот и образованиот процес. Во тоа е решението како за проблемите на полето на сексуалниот морал, така и за оние поврзани со сиромаштијата:

„Би рекол, тоа се искристализира и во разговорите со бискупите од Африка, дека главни се воспитанието и образованието. Ако на луѓето таму им се дава само технолошко знаење, на пример како се прават машини, тогаш не треба да не‘ чуди што на крајот таму се случуваат војни и епидемии на сида. Неопходни се обете димензии, а тоа значи и воспитување на срцето, така што луѓето ќе научат според кои морални критериуми да ја користат техниката.„

Католичката црква има голем број училишни установи на африканскиот и азискиот континент. Во нив луѓето добиваат и професионални знаења, но и знаења за соживотот меѓу христијаните и муслиманите. Во Африка има дури и заеднички комитети во кои седат бискупи и имами.

За актуелната меѓународна политика малку стануваше збор за време на интервјуто на Папата во неговата летна резиденција во Кастел Гандолфо. Во врска со разгорената војна на Блискиот исток Папата апелираше:

„Војната е најлошото решение. Таа не им носи ништо дури ни на оние кои се чини дека победуваат. Тоа го знаеме и од двете Светски војни во Европа. Она што на сите им е неопходно, тоа е мир!„