1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Интервенција во Сирија: Реторика или реалност?

Масакар врз цивилно население, пропаднато примирје, граѓанска војна пред ескалација. Со оглед на развојот на ситуацијата во Сирија, се’ повеќе западни политичари бараат воена интервенција.

Толку брзо Кофи Анан нема да се откаже. Специјалниот пратеник за Сирија се’ уште верува во неговиот план во шест точки за ослободување на земјата. Сите страни кои учествуваат во конфликтот мора да сопрат со насилството, бара Анан.

.

Специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан

Во меѓувреме, меѓутоа, и бунтовниците сакаат да се откажат од мировниот план. Анан отворено треба да признае дека планот пропадна, бара водачот на сириската опозиција Риад ал-Асаад и на тој начин ги легализира воените напади на опозицијата. Но, и без тоа и бунтовниците веќе одамна не се придржуваат до примирјето.

Во Сирија продолжува крвопролевањето, членовите Советот за безбедност на ОН продолжуваат да спорат. Русија, тадиционално е сојузник на Сирија и како вето сила одбива дополнителни санкции против режимот на Асад. Портпарол на рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема да ја промени позицијата, иако расте притисокот од другите членки на Советот за безбедност. Воена интервенција под мандат на ОН, дискусија што неодамна ја поттикна францускиот претседател Франсоа Оланд, за Русија не доаѓа предвид. Не е на повидок дека наскоро ќе се постигне согласност околу оваа точка.

Syrien UN Beobachter Bürgerkrieg Assad Portrait Checkpoint

Беспомошни: Сините шлемови на ОН на контролен пункт на сириските сили за безбедност

Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс затоа се заложи да се зголеми притисокот врз сириската влада, ако е потребно и без согласност на Советот за безбедност. Ако ова тело и натаму е неединствено, неговите членови и меѓународната заедница мораат да проверат „дали се подготвени да преземат мерки, без авторитетот на ова тело“. Какви мерки, Рајс не прецизираше. Сепак е познато дека американскиот претседател Барак Обама засега одбива воена интервенција.

Фантомска дебата

Frankreich Präsident Francois Hollande im Fernsehen France 2

Францускиот претседател Франсоа Оланд

„Воена интервенција дефинитивно не е опција“, смета Хајко Вимен, експерт за Сирија во фондацијата Наука и политика. „Тоа е фантомска дебата“. Франсоа Оланд очигледно сака да се профилира кратко пред француските парламентарни избори. „Не постои легална база и нема резолуција на ОН за интервенција и тоа во блиска иднина нема да се смени“, нагласува Вимен. Причината е што Русија и Кина, постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето, се спротивставуваат на ваквите планови.

Андре Банк, експерт за Сирија во институтот ГИГА во Хамбург има слично мислење: „Меѓу западните држави не постои вистинско залагање за класична воена интервенција“. САД се среде изборна кампања за претседателските избори. Во европските главни градови исто така недостасува волја за испраќање војници во нов ангажман, и покрај понекогаш острата реторика. А за мисија без мандат на ОН вопшто и не станува збор. 

Сирија не е Либија

Пред речиси една година, Западот се најде во слична позиција. Тогаш ескалираше граѓанската војна во Либија. Опозицијата беше под притисок и мораше да се повлече. Трупите на диктаторот Моамер ел-Гадафи беа во превласт. Се закануваше масакар. Притисокот врз Западот да интервенира растеше.

Тогашниот француски претседател Никола Саркози беше еден од првите кој се заложи за воена интервенција за заштита на либиското цивилно население. Конечно НАТО интервенираше врз основа на мандат на Советот за безбедност на ОН. Воениот сојуз со целни воздушни напади ги заслабна владините трупи, воведе забрана за летови на либиското воздухопловство и го надгледуваше ембаргото за оружје.

NATO-Jet / F-16 / NO-FLASH

Март 2011: Борбен авион на НАТО се враќа во базата на Сардинија по мисија во Либија

Аналитичарите меѓутоа нагласуваат дека ситуацијата во Либија не може да се спореди со онаа во Сирија. „Либија беше поделена на исток и запад. Постоеше линија на фронтот. Исто така имаше армија на бунтовниците која беше подготвена да реагира. Западот имаше партнер, со кој можеше да соработува“, вели Вимен. „Во Сирија немаме ништо од тоа. Земјата има значително поголемо население кое е етнички и религиозно поделено. Многумина, пред се’ малцинствата, се плашат, што би се случило ако Асад се повлече“.

При евентуална воена интевренција во Сирија би имало огромна потреба од сили, уверен е Вимен. Размерите би биле слични на ирачката војна од 2003 година. На Западот меѓутоа недостасуваат политичка волја и финансиски средства за еден ваков ангажман.

Русија и Иран се клучните држави

Покрај очигледното пропаѓање на планот на Анан експерите се единствени во ставот дека во конфликтот во Сирија се’уште не се исцрпени сите дипломатски средства. Банк препорачува да се водат разговори и со сојузникот на Сирија, Иран: „Ако има регионална сила, која има влијание врз Сирија, тоа е Иран. Со Иран секогаш се водат разговори само за атомската програма. Тоа се разбира е важно. Западот меѓутоа треба да се обиде во неформални контакти со Иран да го реши сирискиот проблем“.

Вимен верува дека еден друг сојузник на Сирија го има клучот за запирање на крвопролевањето. Русија веќе двапати со вето стопираше резолуции во Советот за безбедност на ОН, кои предвидуваа поостри санкции за Сирија. „Русија е клучна. Ако Русите ја преиспитаат својата позиција и ја прекинат поддршката за Сирија, тогаш тоа ќе биде тежок удар за режимот“, вели Вимен. Тогаш би можеле да бидат усвоени поостри санкции. Тие, смета Вимен, би можеле да стават крај на режимот на Ал Асад.