1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Интензивни активности околу преговорите за името

Македонија останува посветена на членството во НАТО и покрај преседанот во Букурешт. Овој став го изнесоа министрите за одбрана и надворешни работи на форумот „Безбедност на Балакнот - НАТО по самитот во Букурешт“

default

Антонио Милошоски, министер за надворешни работи во македонската Влада

Македонско-грчките преговори се водат со висок интензитет. Медијаторот Метју Нимиц можеби повторно ќе допатува во Скопје откако ќе се формира новата влада кон крајот на јули, иако министерот за надворешни работи Антонио Милошоски денеска не ја потврди оваа информација. Засега нема најава за нови понуди од страна на медијаторот околу спорот со името, соопшти шефот на македонската дипломатија.

Во Атина пак со зголемена внимателност се следат настаните, откако на посредникот Нимиц му е испорачана идејата и егејското прашање да биде дел од пакетот за решавање на грчко-македонските односи. Како што е познато премиерот Груевски иницирал, Грција да гарантира обештетување за одземените имоти на македонските бегалци од Егејскиот дел за време на граѓанската војна во 1948/49, а на Македонците во Грција да им се гарантираат малцинските права според европските стандарди.

Добро е да се затворат прашањата што може да предизвикаат недоразбирања

Министерот Милошоски денеска откри дека зад оваа идеја се крие и можноста за подобрување на преговарачката позиција на властите во Скопје со преговарачите од Атина. „Забележано е дека официјална Атина со секоја нова сесија го зголемува опсегот на прашања кои ценат дека треба да им биде посветено внимание и да се отворат односно затворат. Наша проценка е исто така дека ако се оди на овој принцип, тогаш е добро навистина сите можни прашања кои во иднина би предизвикувале било какви недоразбирања да бидат затворени, а тука е вклучено и прашањето за враќањето на имотите на децата бегалци кои се државјани на Република Македонија и имаат исто така основ да добијат државјанство на Република Грција, како граѓани кои се родени во Република Грција“ појасни Милошоски во изјавата за новинарите по форумот „Безбедноста на Балканот - НАТО по самитот во Букурешт“ што во Скопје го организираше фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија „Сосиетас сивилис“.

Милошоски не го исклучи септември и заседанието на Генералното собрание на ОН како нов рок за компромис околу името.

DW.COM