1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Интеграцијата почнува од семејството

Една од темите на Конгресот на Евангелистичката црква во Германија, што до недела се одржува во Дрезден, е интеграцијата на странците во Германија. Меѓу угледните учесници беше претседателот на државата, Кристијан Вулф.

default

Претседателот на државата, Кристијан Вулф на Конгресот на Евангелистичката црква во Дрезден

Постојано горливата тема за интеграцијата на странците во Германија се најде високо на списокот приоритети и за делегатите на Конгресот на Евангелистичката црква. Еве што велат учесниците во малата анкета:

„Мислам дека интеграцијата почнува уште во мали рамки, на пример во селата, на селските локални прослави, таму треба да се канат сограѓаните од муслиманско потекло.“

Dresden 33. Deutsche Evangelische Kirchentag DEKT

Отворањето на Конгресот во центарот на Дрезден

„Интеграцијата тргнува од заклучокот дека живееме во контекст, во кој спаѓаат сите. Тоа значи секој да сфати дека живее во ова општество, дека е негов дел и да не се двои во затворени подрачја.“

„Мислам дека треба да се почне од децата. Тие треба уште во градинките да научат дека треба на мирен начин да излезат на крај едни со други. Исто така треба да добијат настава по религија, која ќе им ги покаже поклопувањата меѓу светските религии. Тие се толку големи, што мислам дека интегрирањето воопшто не е никаков проблем...“

Во дебатата се слушнаа и поинакви мислења. Така Бетил Дурмаз, учителка од еден проблематичен кварт на Гелзенкирхен, раскажува:

„Кај нас во училиштето имаме семејство од Либан, кое го тероризира целиот кварт. Така организиравме тркалезна маса за овој проблем, на која учествуваа и градоначалникот на округот, полицајци, учители од нашето училиште, имаше и ученици. На крајот се’ заврши со повикот родителите да ги исполнат нивните законски обврски во воспитувањето на децата, кои се проблематични. Но, на крајот на краиштата, ништо не се смени.“

Проблеми, но и постигнувања

Dresden 33. Deutsche Evangelische Kirchentag DEKT

Претседателот Кристијан Вулф при учеството во дебатата

Дека на полето на интеграцијата има проблеми и пропусти, како на пример недоволниот број места во целодневен престој, каде учениците се згрижени поголемиот дел од денот и не се толку подложни на влијанието на улицата, потврдува и претседателот на Германија, Кристијан Вулф. Сепак, тој нагласува дека во меѓувреме има и големи постигнувања.

„Објективните бројки се такви, што покажуваат дека има и голем број успешни примери. Бројот деца кои не го завршуваат школувањето со години е во постојано опаѓање. Значи, насоката е исправна, има напредок и затоа не треба постојано да се жалиме како се’ станало полошо, не треба да ги истакнуваме поединечните негативни примери како да се огледало на целата реалност. Тоа едноставно не е вистина!“

Според претседателот Вулф, клуч за успешна интеграција на странците е доброто образование. Исто така, важна е принципиелната отвореност на граѓаните од германското општество кон странците, бидејќи тие претставуваат збогатување на општествениот живот. Успехот, меѓутоа, исто така подразбира и:

„Секој кој доаѓа кај нас или кој е кај нас, кој припаѓа во оваа земја, треба да се придржува до уставот и уставните права. Во тоа спаѓаат и еднаквоста на родовите, како и раздвоеноста на државата од религијата. Уставот важи за сите, без оглед на религиозната припадност!“

Утопија или остварлива реалност?

Во дебатата на Конгресот на Евангелистичката црква на Германија учествуваше и професорот по социологоија од Минхен, Армин Насехи, кој порача дека успешната интеграција на странците треба да доведе до тоа, сите да се чувствуваат дома во Германија, како нивниот живот овде да се подразбира сам од себе и никој не го става под знак прашање.

„Добро интегрирано општество е она, кое може да се откаже од многу мерки на интеграција. Тоа конкретно значи, кога се движам по некој плоштад никому да не му бидам сомнителен или да ме смета за загрозувачки фактор. Добро интергирано општество е општество на луѓе кои не си пречат едни на други и низ тоа, така да се каже, ја градат својата солидарност“, посочува професорот по социологија од Минхен, Армин Насехи.

Автор: Клаус Кремер / Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев