1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Интеграцијата е повеќенасочен процес

Истражувањето на меѓуетничката интеграција во училиштата во Македонија, покажува дека пред неа се’ уште стојат многу проблеми и предизвици.

Само нешто повеќе од една четвртина од основните и средните училишта во Македонија се двојазични или тријазични, а повеќето ученици од различни наставни јазици учат во еднојазични училишта каде нема можност за интеракција меѓу нив. Ова е еден од глобалните наоди во проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, спроведен во соработка со Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во координација со Бирото за развој на образованието.

Раководителот на проектот, Небојша Мојсоски, вели дека податокот што речиси 99 отсто од училиштата се вклучени во истражувањето, зборува за сериозноста на наодите и препораките. „Длабината и ширината во ова истражување дава реална и сеопфатна слика за почетната состојба во меѓуетничката интеграција во образованието во Македонија. Наодите ќе послужат за соодветно планирање на проектните активности во училиштата, базирани на детектираните потреби кои произлегуваат од добиените резултати", потенцира Мојсоски.

Без контакт, а под ист покрив

Во студијата се констатира дека кај средношколците од еднојазичните училишта е отежната можноста да стапат во контакт со врсници од друг наставен јазик, бидејќи во општината каде е сместено училиштето речиси и нема средни училишта со друг наставен јазик. Можноста, пак, за непосреден контакт меѓу учениците во повеќејазични основни училишта не е секогаш гарантирана, бидејќи добар дел од нив учат разделени во посебни училишта - подрачни и централни. Но, и кога се под ист покрив, или се распоредени на различни катови или во различни смени. Споредено со еднојазичните училишта, повеќејазичните се доживуваат како полигон на почести конфликти. Наставниците и родителите имаат амбивалентен однос кон контактот меѓу учениците од различни етникуми - од една страна го доживуваат како извор на меѓуетнички тензии и најчесто би го избегнале, а од друга, свесни се дека само преку интеракција може да се запознаат и да функционираат заедно.

Gymnasium Ibrahim Temo in Struga Mazedonien

Гимназијата Ибрахим Темо во Струга

Оптоварени со стереотипи

Студијата констатира дека непосредниот контакт меѓу учениците е отежнат и поради оптовареност со стереотипи и предрасуди за другите. Македонците ги гледаат Албанците главно како опасни и активни непријатели, а Албанците ги гледаат Македонците главно како безопасни и беспомошни противници. Ромите ги доживуваат како асоцијални, примитивни и „криминални", а Турците како неутрални и безопасни. Во хетерогените општини речиси сите ученици од еднојазичните основни училишта, и Албанци и Македонци, би сакале да имаат повеќе контакти, но не преземаат ништо повеќе од ретки индивидуални иницијативи. Имаат повремени можности за средби во заеднички проектни активности, кои обично траат додека трае и активноста. Ако воопшто продолжат, се одвиваат на социјалните мрежи, а само во поединечни исклучоци и преку среќавања „во живо". Така, контактите меѓу учениците остануваат формални, инцидентни и површни. Како причина за отсуството на контакт, се наведува и непознавањето на јазикот.

„Ако зборуваат на јазик што ние не го разбираме - не може да комуницираме со нив. Треба да разбираат македонски", вели ученик Македонец, од еднојазично училиште во хомогена општина.

„Ако се дружиме со Македонци подобро ќе го научиме македонскиот јазик, а и Македонците ќе научат нешто од албанскиот јазик", смета ученик Албанец од еднојазично училиште во хетерогена општина.

Аналитичарот Даут Даути укажува дека интеграцијата во училиштата е невозможна ако е „еднонасочна". „Македонскиот јазик е официјален и апсолутно Албанците треба да го знаат. Но, зошто и Македонците да не го учат албанскиот јазик, кој е службен, а во училиштата го нема дури ни како факултативен? Преку учење на јазикот на другиот и преку подобро разбирање се гради толеранција, се искажува почитување на различноста и доверба. Тоа е вистинска повеќенасочна и спонтана интеграција, а не наметната", вели Даути.

Што да се прави?

Студијата препорачува зголемување на можноста за непосреден контакт меѓу учениците не само во повеќејазичните, туку и помеѓу еднојазичните преку формирање партнерски односи. Преку заеднички наставни и воннаставни активности контактот меѓу учениците треба да биде систематски и структуриран, а не стихиен. Се препорачува да се подобрат и компетенциите на наставниците за препознавање на стереотипите и предрасудите и за реагирање кога тие ќе се манифестираат. Потребно е да се избегнуваат заеднички активности што овозможуваат учениците од една етничка група да се доживуваат како помалку вредни од припадниците на друга, односно при работа со јазични „мешани" групи да не се наметнува зборување само на еден од наставните јазици.

Петрит Сарачини од Македонскиот интститут за медиуми, кој активно ги следи проблемите во оваа сфера, оценува дека овој репрезентативен научно-истражувачки зафат, ги потврдил перцепциите што ги има јавноста за големите предизвици во меѓуетничката интеграција во училиштата.

„Особено внимание би им посветил на препораките за надминување на состојбите. Треба да изнајдеме што повеќе активности преку кои ќе се надминат и видливите и невидливите бариери кои ги создаваат делбите кај младите. Проблемот кој станува видлив во конфликтите меѓу децата има корен кај возрасните - во односите меѓу наставниците, институциите, родителите, јавноста, но и во нивниот досегашен пристап кон оваа проблематика. Во истражувањето се вклучени сите - државните институции, локалната самоуправа, стручните служби, наставниците, родителите, учениците. Искрено се надевам дека ваквиот приод кој ги вклучува сите засегнати страни, ги слуша внимателно нивните проблеми, го респектира нивното мислење и изнаоѓа заеднички прифатливи решенија, ќе придонесе за подобра атмосфера во образованието во контекст на меѓуетничките односи", оценува Сарачини.