1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Институционалните кризи во Македонија се опасни

Швајцарскиот весник НЦЦ се осврнува на бојкотот на македонската опозиција на Собранието и дава свое гледиште на состојбите во земјата. Во прегледот на печатот и за употребата на терминот „Роми“ или „цигани“ во Романија.

default

„Македонија се движи кон политичка криза, која би можела да го забави економскиот полет и продолжението на долгиот марш кон членството во ЕУ. Од викендот, опозиционите партии, со исклучок на една, го бојкотираат парламентот“, констатира весникот „Ноје цирхер цајтунг“, кој натаму на читателите им објаснува дека повод се настаните околу телевизијата А1 и бизнисите на нејзиниот сопственик Велија Рамковски, за кој се води истражна постапка. Потоа во написот се вели:

„Доколку медиумите на Рамковски бидат згаснати, опозицијата ќе загуби важно гласило. Дека политички независни правосудни органи ги спроведуваат важечките закони во земјата, за тоа не може да стане збор. Судството во Македонија, како и во сите земји на Балканот, е ноторно слабо и подложно на политички притисок. Во изминатите четири години од неговото владеење Груевски успеа да спроведе вонредна доминација во структурата на институциите. Владата, парламентот, судството и дел од медиумите играат како што тој свири. И покрај големите економски тешкотии, постепеното одвојување од возот кон Брисел и големата критика од Европа, неговата партија ВМРО се’ уште има најголема доверба според анкетите. Меѓутоа, поважни од тактички силните страни на Груевски се слабостите на неговите противници.

Опозицијата со години настапува со истите политички истрошени водечки гарнитури. Недостасува подмладок. Многу млади, добро образовани, се отселуваат или се повлекуваат во невладиниот сектор, кој радо се дефинира на дистанца од ’валканиците на политиката’ и е политички импотентен. Значи, не треба многу за опозицијата во Македонија да се држи во шах. Да се има стратешка визија за земјата не е неопходно, како што покажува примерот со претседателот на владата, Груевски.

Во Македонија институционалните кризи се опасни поради тоа што земјата е етнички поделена и оваа спротивставеност лесно може да биде искористена од ’политичките актери’ од секаков вид. 25 проценти од населението е албанско. По Охридскиот договор, во Македонија многу одлуки се донесуваат според Бадентеровиот принцип за кој е потребна согласнот од мацинствата. Но, тој може да ја развие својата интеграциона сила ако функционираат институциите и се негува политичка култура на избалансираност. Меѓутоа, ова со години не е случај“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

„Поради можност за поистоветување со ’Романија’, во официјалните документи би требало да се користи термиот ’цигани’ наместо ’Роми’. Две комисии на Сенатот го препорачуваат ова, а за предлогот на пратеникот Силвио Пригоана од вадејачката ПДЛ партија ќе треба да дебатира Сенатот во Букурешт“, пишува онлајн изданието на австрискиот весник „Ди Пресе“. „Кон предлогот минатиот ноември се приклучи и Романската академија, чувар на романскиот јазик. Околу сто претставници на невладиниот сектор тогаш протестираа, нагласувајќи дека зборот ’циган’ на романски денеска буди асоцијација за ’роб’. Меѓутоа, претставници на етничката група, пред се’ во Источна Европа, и самите ја критикуваат исклучивата употреба на терминот ’Роми’, оти не сите, кои традиционлано се нарекуваат ’цигани’ самите се нарекуваат ’Роми’“, пишува „Ди Пресе“.

Извор: Ноје цирхер цајтунг / Ди Пресе

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска