1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Инспекторите на ОН почнуваат со работа во Сирија

Тим од инспектори за хемиско оружје пристигнаа во Сирија да истражи дали е користено хемиско оружје во 29-месечната војна. Инспекторите треба да посетат три локации каде наводно биле извршени напади со хемиско оружје.

Тимот на ОН, составен од 20 инспектори и асистенти, предводени од шведскиот експерт Аке Селстром, по доаѓањето во Дамаск се сместија во хотелот „Фор Сизонс“. Портпаролот на ОН Мартин Несирки соопшти дека тимот ќе почне со работа денеска (19.08). Инспекторите треба да посетат три локации каде наводно биле извршени напади со хемиско оружје. Една од нив е селото Кан ал-Асал, западно од Алепо. Две други локации, кои исто така се очекува да бидат истражувани за наводен напад во март годинава и декември 2012., се Атајбех, близу Дамаск и Хомс во централна Сирија.

Бунтовниците заедно со Соединетите американски држави и Западот, го обвинија режимот на претседателот Башар Асад за наводни напади со хемиско оружје, додека сириската влада и Русија го тврдеа спротивното. Откако поминаа шест месеци по наводната употреба на оружјето за масовно уништување, дефинитивен доказ сѐ уште недостасува.

Непристрасна истрага од ОН

Syrien Einsatz von Chemiewaffen in Khan al-Assal

Една од локациите што ќе ги посетат инспекторите е селото Кан ал- Асал, западно од градот Алепо

Сирискиот заменик-министер за надворешни работи Фајсал Мекдад, во пресрет на пристигнувањето на инспекторите, изјави дека Дамаск во целост ќе соработува со нив. Сириската Влада пред четири дена соопшти дека нема што да крие од тимот инспектори за хемиско оружје. Мисијата на инспекторите беше неколку пати одложувана поради недоразбирањата со режимот на Асад за обемот на истрагата за наводното користење на хемиско оружје во сириската војна. И владата и бунтовниците се обвинуваат меѓу себе за користење на хемиско оружје. Владата тврди дека бунтовниците користеле такво оружје на 19 март, убивајќи најмалку 26 луѓе, заедно со 16 сириски војници, но опозицијата тврди дека владата го извршила нападот.

Мисијата треба да процени дали се користело хемиско оружје за време на конфликтот кој избувна во март 2011., но не и да ја одреди одговорноста за нападот.

„Нашата цел останува - целосно независна и непристрасна истрага“, изјавија од ОН, откако пред неколку дена добија зелено светло за мисијата. „Владата на Сирија формално ги прифати процедурите од суштинско значење за соработката, за да се спроведе сигурна, ефикасна и вистинска истрага за мисијата“, изјави Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун.

Се верува дека Сирија има една од најголемите залихи на хемиско оружје, вклучувајќи го бојниот отров иперит и нервниот гас сарин. Постои загриженост дека режимот на Асад може да ги искористи или да префрли дел од нив на либанската милитантна група Хезболах, но и дека може да паднат во рацете на екстремистите на Ал Каеда или други екстремисти меѓу бунтовниците.