1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Индустриска шпионажа од Кина и Русија

Канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле тргнуваат на мини-турнеја во Русија, Кина и Казахстан. И покрај добрите односи меѓу земјите, експертите предупредуваат од стопанска шпионажа.

default

Мини-турнејата прво ги води канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле на меѓувладини консултации во Русија, а потоа понатаму во посета на Кина и Казахстан. Главна цел на средбите е унапредувањето на економската соработка со овие земји. И покрај добрите односи со трите држави, експертите предупредуваат дека германските претпријатија мораат многу да внимаваат, бидејќи најголемиот број случаи на стопанска шпионажа потекнува токму од Кина и Русија.

Опасност за технологијата

Целта на стопанската шпионажа од Кина и Русија е пред се’ технологијата на германските претпријатија, која е впрочем и најголемиот нивен капитал. Токму поради врвните технолошки откритија германското стопанство и може да остане толку високо во меѓународната конкуренција. Со зголемувањето на бројот на врски со странски фирми и држави и посебно со интензивирањето на комуникацијата преку интернет, меѓутоа, се отвораат простори и за стопанска шпионажа, со која во Германија се занимава Службата за заштита на уставот.

Symbolfoto Wirtschaftsspionage Industriespionage

Новите методи се многу пософистицирани

Бертолд Штопелкамп од Работната група за безбедност на стопанството појаснува дека стопанската шпионажа не смее да се потценува, бидејќи има далекусежни последици: „Реализираната штета се проценува на околу 20 милијарди евра!“ Некои од неговите колеги проценуваат дека станува збор дури и за 50 милијарди евра.

Голема сива бројка

Проблемот е во тоа што голем број случаи остануваат неоткриени, појаснува Буркхард Евен, раководител на Одделот за одбрана од стопанска шпионажа при Службата за заштита на уставот: „Има многу голема сива бројка, бидејќи често фирмите не ги пријавуваат ни откриените случаи. Тие се плашат дека истражната постапка може дури повеќе да му наштети на имиџот на нивната фирма, ако информации за неа се појават во јавноста.“

Експертот за безбедност на претпријатијата Кристијан Шаф посочува дека Кинезите имаат посебен пристап на овој план: „Тие се обидуваат да соберат што е можно повеќе стопански релевантни информации и дури подоцна проверуваат која од нив би можела да биде интересна за некое домашно претпријатие. Другите разузнавачки служби најчесто се фокусираат директно на некоја бранша и дури фирма, што ги интересира.“

Неопходно големо внимание

За да се заштитат од ваквите опасности што се закануваат од интернет, но и не само од него, неопходно е претпријатијата да развијат посебни стратегии, нагласува Михаел Ханге од државната Агенција за безбедност во информатичката техника:

Symbolbild Chinesische Industriespionage in Deutschland

Зад соработката понекогаш се крие опасност

„Неопходен е посебен безбедносен менаџмент за компјутерите, неопходна е соодветна безбедносна култура односно правила во фирмата, на соработниците мора да им се појасни какви се’ опасности им се закануваат. А потоа мора уште да се дефинира кои информации треба да подлежат на посебна заштита и тие треба да се кодираат.“

Државна шпионажа

Кога ќе се соочат со големината на опасноста, некои германски фирми дури решаваат да се повлечат од бизнисот во Кина, на пример, појаснува експертот Шаф: „Кина е комунистичка земја и таму постои поголема можност за мешање на државните органи. Така на пример во основните закони на државата стои запишано дека тајните служби треба да се занимаваат и со стопанска шпионажа. Од таа гледна точка може да се каже дека опасноста во Кина е поголема отколку во некоја западна земја. Иако и во западните земји не може да се биде комплетно сигурен.“

За оние кои не се решаваат на потполно повлекување од бизнисот во земји како Кина, експертот Михаел Ханге појаснува каков е минумимот на безбедносни мерки: „Она што е суштинско е да се има актуелизирана заштита од вируси, да се има одбранбен ѕид и да се имаат најновите верзии на целиот компјутерски софтвер. Што се постари програмите, тоа е поголема опасноста од загрозување од надвор. Затоа треба да се извршуваат актуелизирањата што ги нудат производителите на софтвер“, заклучува експертот Михаел Ханге.

Автор: Јоша Вебер/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска