1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Индија – модерна економија, егзотична литература

На годинашниов саем на книгата во Франкфурт, како и пред 20 години, земја во фокусот е Индија

default

Во Германија и во другите западни земји, особено во последните години, сликата за Индија многу се промени и таа веќе од поодамна сериозно се прима како земја чија економија доживува бум и како идна стопанска сила. Но, кога е во прашање индиската литература, за странските читатели е интересно само за едно: таа мора да биде егзотична!

Индиските автори денес се меѓународно попознати отколку пред 20 години: многумина прочитале нешто од Викрам Сет, Арундати Рој или Салман Рушди - или барем слушнале за нив. Но, тие не се безусловно поим за индиска литература, оти за сите нив е заедничко дека пишуваат на англиски, а не на некој од повеќе од 20 регионални литературни јазици во таа земја.

Индологот Ира Шарма од Минхен погледа низ германските книжарници и се распраша кои наслови им се понудени на купувачите како индиска литература: „Индиската литература пред се’ се перцепира како литература од автори кои пишуваат на англиски јазик. Регионалните литератури се целосно засенети. Индиската литература се перцепира и како литература во која дејствието се одигрува во Индија. Тоа значи дека тука се вбројуваат редица автори кои всушност не се Индијци, туку само пишуваат романи - најчесто тривијални или кич, со дејствие во тамошен амбиент“.

„Индиски амбиент“ – за многумина читатели во тоа има нешто возбудливо туѓо и поради тоа тие се решаваат да ги купат таквите книги, вели Ира Шарма: „Публиката во Германија, за жал, се уште Индија ја смета за ’егзотика‘ и ја става во ист кош со арапската литература, ’кошот на 1001-на ноќ‘, како што го нарекувам јас“.

Соодветно на ова, и издавачите често пати индиските книги целно ги рекламираат како „егзотични“, забележува Ира Шарма. „Пример е книгата на Салман Рушди ’Децата на полноќта‘, која сега се појави во џебно издание со слика од Таџ Махал на корицата. За споредба тоа е како издание на книга од Гинтер Грас со замокот Нојшванштајн на корицата. Нема никаква врска со содржината на книгата, но едноставно читателите ’се палат‘ на тоа – барем така смета издавачот“.

Главен проблем за издавање индиска литература од регионалните јазици е недостигот од професионални преведувачи. Литература од хинду или бенгалски на германски јазик преведуваат претежно академци кои ги владеат тие јазици, а тие понекогаш немаат вистински увид во германскиот пазар на книги, смета Ира Шарма. „Германците читаат романи, тој литературен вид овде најмногу се продава. А во Индија, пак, има многу творци на кратки раскази, многу лиричари. Академците се склони кон тоа, извонредните кратки раскази и песни да ги соберат во антологии, за така да ги зачуваат. За таков литературен вид напросто нема читатели! Но, од време на време мора да се отфрлат сопствените идеали и да се размислиува прагматично – тоа важи и за академиците!“

И покрај сиве овие проблеми, Франкфуртскиот саем на книги нуди многу можности да се отфрлат старите клишеа за Индија: на саемот десетици индиски автори читаат извадоци од своите дела и учествуваат на дискусиите, со што ќе придонесат Индија да се извлече од аголот на егзотиката.