1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Индија и Кина: ривали или партнери?

За првпат индискиот премиер Манмохан Синг е во посета на Кина. Во фокусот на неговите разговори се економските прашања, но и подобрувањето на политичката и стратегиската соработка во регионот.

default

Еден од заедничките индиско-кинески проблеми: заштитата на човековата околина

Односите меѓу Индија и Кина со години се комплексни. Во 1962 година водеа куса, но жестока војна. Кина тогаш влезе длабоко во денешната североисточна индиска сојузна држава Аруначал Прадеш и до денес го поставува барањето за преку 90 илајди квадратни километри земјиште. Освен тоа, Кина е најголемиот испорачувач на оружје за индискиот непријател број еден – Пакистан. Од друга страна, Индија со децении му дава засолниште на Далај Лама. По анексијата на Тибет од страна на Кина во 1950 година и неуспешните преговори со кинеската валада во 1953 година тој замина во егзил во Индија.

Пред средбата на Манмохан Синг со неговите домаќини, претседателот Ху Џинтао и премиерот Вен Јиабао, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Јианг Ју изјави дека „посетата на Синг има голема тежина„, со надеж дека традиционално доброто пријателство меѓу двете змеји натаму ќе се зацврсти. И Индија ја има истата намера: да се подвлечат заедничките интереси и да не се зборува за проблемите. Значи, дијалогот стои под добар знак.

Во 2005 година, двата азиски ривала потпишаа стратегиско партнерство, во 2006, по повеќе од десет години еден кинески премиер, тогаш Ху Џинтао, повторно ја посети Индија. Неодмна се одржа и заедничка воена вежба. Трговијата меѓу земјите кои вкупно имаат 2,4 милијарди луѓе, постојано расте. Во 2007 ја стигна границата од 30 милијарди долари, што е плус од 50 насто.

Ривали или партнери – тешко прашање, смета Кристијан Вагнер од Фондацијата за наука и политика во Берлин:

„Обете држави имаат цела низа билатерални проблеми, пред се границата меѓу нив. Тоа како последица ја имаше војната од 1962. Од друга страна, во последниве години ги подвлекуваат заедничките точки, па овде - онде слушаме за приближување. Се разбира, во подрачјето на енергијата се конкуренти на светскиот пазар„.

Индија и Кина се гладни за енергија. Обете во изминатите години постигнуваат стабилен растеж до десет проценти и мора да обезбедуваат се поголем среден сталеж. Во обезбедувањето ресурси води Кина, која има и сопствени енергетски резреви. Освен тоа, Кина склучи нафтени договори со африканските земји како Судан или Нигерија и покрај меѓународните протести. Но, и Индија, која радо се претставува како најголема демократија во светот, го направи сличното со непочитуваната Бурма. Обете земји се и пред огромниот предизвик во врска со заштитата на климата. Меѓутоа, најважно во нивните односи е што се уште постои длабока недоверба, смета професорот на универзитетот „Џавахарлал Нехру„ во Њу Делхи, Махендра Лама:

„Дури и во економската размена постои недоверба. Секако се одвива трговија, а се соработува и на стратегиско ниво. Меѓутоа, не постои суштинска доверба во која обете змеји би се прифатиле како веродостојни партнери. Затоа е потребно да се разговара токму за тоа: кои се средствата да се постигне таква доверба„.

Индија и Кина: две држави кои во меѓусебните односи се уште трагаат по својата улога. Посетата на Синг, затоа, и покрај напредокот, е само мал чекор на долг пат.