1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Индиски војници убиени во Јужен Судан

Во напад врз база на ОН во Јужен Судан загинале тројца војници од Индија кои биле дел од меѓународните мировни сили во оваа африканска земја. ОН стравуваат од граѓанска војна меѓу етничките групи на Динка и Нуер.

Индискиот амбасадор во Организацијата на Обединетите Нации, Асоке Кумар Мукерџи ја пренесе веста за загинувањето на тројцата припадници на мировните трупи на ОН во Јужен Судан кои потекнуваат од неговата земја. Според Мукерџи нападот врз базата во местото Акобо во провинцијата Џонглеј ја извршиле припадници на милициите на етнучката група Нуер.

Претходно, портпаролот на ОН, Фархан Хак, информира дека врските со базата биле прекинати. Останатите 40 индиски „сини шлемови“, кои се наоѓале во објектот, биле евакуирани. И натаму е неизвесна судбината на околу 30-ината Јужносуданци од племето Динка, кои најдоа засолниште во оваа база. ОН стравуваат од избувнување на граѓанска војна меѓу етничките групи на Динка и Нуер.

Во комплексот на ОН во главнот град на Јужен Судан, Јуба досега прибежиште побарале 10 илјади луѓе.

Ситуацијата во Јужен Судан драстично се влоши во последните денови. Најмладата држава во светот во неделата беше зафатена од нов бран насилство, кога војници од племето Динка, етнос на кој му припаѓа претседателот Салва Кир, се обидоа да ги разоружаат своите колеги гардисти од етничката заедница Нуер, чиј лидер е поранешниот потпретседател Риек Машар.

Најмалку 500 лица загинаа од почетокот на племенските судири само во престолнината Џуба, каде ситуацијата од вчера е смирена. Со оглед на безредијата во Јужен Судан, САД испратија 45 војници кои треба да ги заштитат американските државјани кои се наоѓаат во оваа африканска земја.