1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Индиската дипломатка пуштена на слобода

Индиската дипломатка чие апсење предизвика скандал и сериозно заладување на односите меѓу САД и Индија е пуштена на слобода и ги напуштила САД.

Американските власти го одобрија ослободувањето на индиската дипломатска претставничка Девјани Хобрагаде која беше обвинета за давање лажна изјава и измама, по што таа ја напуштила земјата.

Помошничката на индискиот генерален конзул беше уапсена во декември минатата година во Њујорк и обвинета дека со измама издејствувала виза за својата куќна помошничка. Иако имала дипломатски пасош, на Хобрагаде при апсењето и‘ биле ставени лисици, а потоа била сместена во ќелија со други престапници. Била пуштена на слобода дури откако платила кауција од 250 илјади долари.

Нејзиното апсење предизвика дипломатски скандал во односите меѓу двете земји и жестоки реакции во Индија, каде темата не се симнува од насловните страници. Индија остро протестираше против апсењето, а властите во Њу Делхи како контра-мерки го отстранија обезбедувањето пред американската амбасада во таа земја и го ограничија движењето на американскиот дипломатски персонал.

Властите во САД тврдеа дека Хобрагаде не е заштитена со дипломатскиот имунитет кој го ужива во конкретниот случај, туку само во извршувањето на нејзините конзуларни должности. Проблемот беше решен на тој начин што индиските власти ја акредитираа Хобрагаде како нивен претставник во Обединетите нации, позиција која овозможува повисока форма на дипломатски имунитет. По таквиот потег на Индија, САД „побараа таа да ја напушти земјата“.