1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Индира Кастратовиќ: За Македонија ме врзува најголема среќа

Кога во раните 90-ти години дојде во Скопје, Индира Кастратовиќ веќе беше позната ракометарка. Со светската ракометна слава сепак се здоби носејќи го дресот на Кометал Ѓорче Петров и на Македонија.

default

Индира Кастратовиќ

„Не планирав, ниту сонував дека ќе дојдам во Македонија. Пресудни беа добрите услови во клубот и доаѓањето на Трифун Костовски. Дојдов и не се покајав“, вели Индира.

Набрзо Кастративиќ се врза уште посилно за македонското поднебје и со добивањето на македонско државјанство.

„Југославија беше под ембарго и не можеше да оди ниту на европските, ниту на светските првенства. Тоа беше пресудно. Мојата желба да играм беше голема. Ми понудија македонски пасош и јас го прифатив.“

Прв подем на СП во Германија

Кометал Ѓорче Петров и македонската репрезентација паралелно се искачуваат на светската ракометна скала. Во 1997 година Македонија избори пласман на светското првенство во Германија. Премиерата, првиот натпревар во Нојбранденбург, беше како од сништата, со победа над олимпискиот шампион Данска.

„Се сеќавам, во соблекувалната си зборувавме, само да не загубиме со голема разлика.Да дадеме се` од себе,бидејќи знаевме која е Данска.Не понесе желбата, особено кога видовме дека ниту данските ракометарки не играат нешто страшно, дека и ние сме дел од Европа. Тогаш им покажавме каде е Македонија и која е Македонија. На почетокот ни беше криво кога не знаеја каде се наоѓа Македонија. Со таа победа, докажавме дека и тука се игра ракомет, дека и ние сме спортисти, што играат ракомет и никој не треба да се потценува.“

Македонија на тоа светско првенство заврши седма,а Индира Кастратовиќ, со 71 гол, беше најдобар стрелец. Наместо вообичаениот спомен-пехар, таа доби рози.

Handball Klub Kometal Rabotnicki

Ракоментниот клуб Работнички

„Тоа е единственото светско првенство, на кое за најдобриот стрелец не се кажа ништо, ниту, пак, му беше нешто доделено или беше прогласен. Не знам зошто, можеби беа изненадени? Но, не можам да заборавам, кога сите од делегација бевме помалку изнервирани, амбасадорот во Германија, Срѓан Керим дојде и ми подари 71 роза, колку што постигнав голови. Ми рече:Ако тие заборавија, ние не заборавивме.Тоа беа моменти што се паметат.“

Игравме со срце за Македонија

Репрезентацијата на Македонија во тој период имаше повеќе натурализирани ракометарки. Игравме со срце за Македонија, вели Индира.

„Не покажувавме кои сме, што сме. Не` имаше од секаде. Но, кога излегувавме на терен ние навистина игравме за Македонија. Не игравме за себе, туку за Македонија. Сето тоа беше спонтано. На пример по натпреварите редовно го игравме „Македонско девојче“ и првите што тоа го правеа беа натурализираните Македонки. Го чувствуваа како да е нивно. Јас никогаш не се чувствував како натурализирана Македонка. Ниту, пак, некој ми рекол дека сум тоа. Она што го дадов за Македонија беше од срце и народот ми враќа со иста мерка.“

Европската круна за незаборав

За паметење е и 2002 година. Кометал Ѓорче Петров победи во Лигата на шампионите и стана европски првак. Беше совладан силниот унгарски Херц. Се ореше во салата Кале, а на плоштадот Македонија педесет илјади Скопјани еуфорично ги поздравија ракометарките.

„Во 1994-та година, кога и јас дојдов во Македонија, полека почна да се создава екипата на Кометал Ѓорче Петров. Доаѓаа разни ракометарки и си одеа, но се направи една целина, која во 2002 година мораше да кулминира. Јас и ден-денес се ежам и сега ми се стега срцето. Само ние знаеме какво е тоа чуство. Би сакала секој спортист тоа да го почувствува. Ни се поклопи се`, титулата да ни се случи во Македонија, тука да го играме тој натпревар. Не може тоа чувство со зборови да се опише. И денес, после толку години, кога зборувам за тој момент, ми се стега грлото од среќа, од радост. Такво нешто можеше да се направи само во Македонија“, се присетува Кастратовиќ.

Во Осло, во Букурешт, во Подгорица Индира Кастратовиќ беше дел од спектаклите на сите светски ѕвезди со мечеви од хуманитарен карактер. За неа тоа беше респект и за македонскиот ракомет, кој не можеше да биде заобиколен.

„После 1997 година се создаде респект за македонскиот ракомет и за нас како спортисти од него.“

Мора да има бенефиции за оние кои вложуваат во спортот

Со заминувањето на трофејната генерација на ракометарки, сјајот на Кометал Ѓорче Петров брзо почна да згаснува. Дали можеше да се спречи заминувањето на славниот клуб во анонимноста?

„Веројатно мораше да дојде до такво нешто. Можеби во клубот не планираа, не гледаа на подолги патеки, што ќе се случи кога ќе си замине нашата генерација. Но, тоа беше работа на клубот да размислува за иднината. Според мене, државата би требало да направи сите оние, кои сакаат да вложуваат во спортот, даноците да бидат помали. Да имаат бенефиции ,оние кои даваат за спортот. Тоа можеше да се направи во случајот со Кометал Ѓорче Петров, но и за другите клубови, за да можат подобро да функционираат.“

Индира Кастратовиќ остана во Скопје и по завршувањето на професионалната кариера. Семејната среќа и животната ориентација остана да ја кове во Македонија.

Автор: Златко Калински

Редактор: Трајче Тосев