1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Инвестирајте во Македонија

Над 350 македонски и странски бизнисмени учествуваат на Вториот глобален инвестициски самит во Охрид. Поволната бизнис клима во Македонија странците генерално ја препознаа, истражуваат - каде и во што вреди да вложат?

Бизнисмените знаат најдобро колку е долг патот од замислата да се инвестира во нова непозната економија и низ што се’ треба да поминат за идејата да се реализира. На организаторот на Самитот, поддржан од Владата на Република Македонија, треба да му се честита, коментираат учесниците. „Самитот внесува многу позитивна енергија и оптимизам околу привлекувањето инвестиции и генерално ја подобрува бизнис климата во Македонија. Менаџерите од 20 земји ги споделуваат искуствата и плановите за инвестирање и трагаат по партнери за извоз и соработка“, вели министерот за странски инвестиции, Веле Самак.

Македонија ќе формира Фонд за иновации

Платформата „Македонија 2025“ ги поврзува и македонските бизнисмени од дијаспората. Нејзиниот претседател Мајк Зафировски порача дека прави се' Македонија да ја види економски силна на национално и регионално ниво. Џери Наумоф, министер за странски инвестиции, предочи:

„Тројца луѓе од бордот на ’Македонија 2025’ веќе инвестираат во Македонија. Тоа се Вера Ставроф од Охајо, која соработува со Алкалоид, Емил Христов во развојната технологија на соларна енергија и Крис Павловски од Канада во ИТ бизнисот. Тој во Скопје има 100 вработени, а ќе отвора нова канцеларија во Битола“.

Иселениците лани најавија формирање на Инвестициски фонд преку кој директно ќе вложуваат во Македонија, но на првиот ден од Самитот никој не прокоментира за неговата судбина. Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на бизнисмените им соопшти дека Македонија за една година напредувала за седум места на листата на глобална конкурентност, а премиерот Никола Груевски ја обелодени идејата за скоро формирање на Фонд за поддршка на иновации.

„Лани усвоивме стратегија за развој на иновациите до 2020 година, донесовме и Закон за иновации. Преку аранжман со Светска банка за следните 3 години ќе одвоиме 24 милиони евра за поддршка на фондот,“, рече Груевски.

Успешни бизнис приказни со странски капитал во Македонија

На панел дискусиите се слушнаа интересни пораки за конкурентноста на Македонија и бизнисот во неа.Туркај Уфук Ерен од приватната болница „Аџибадем – Систина“ најави нова инвестиција, изградба на Онколошки центар во Скопје што ќе го опслужува регионот, како и привлекување на млади кадри кои ќе менаџираат со здравството.

„Во индустриската зона Бунарџик почнавме од нула. Ротиравме овдешни кадри во Белгија и обратно и тоа беше најтешкиот дел од нашата инвестиција. Сакаме да ги намалиме транспортните трошоци и така би ја зголемила потребата од овдешни производи и услуги. Откако ќе го освоиме источниот и блискоисточниот пазар, во Македонија за околу 2 години ќе отвориме инженерско одделение“, соопшти Белгиецот Филип Ван Хул од компанијата „Ван Хул“, која овој викенд ќе го испорача првиот, а до крајот на годинава уште 50 автобуси од Македонија во странство. Според министерот Самак, успешна приказна е и Фабриката за автомобилски делови „Дрекселмајер груп“ во Кавадарци, која има 1400 вработени и од почетокот на оваа година активно извезува за Германија. Менаџерите планираат да го шират бизнисот со локални соработници.

Препораки каде и во што да се инвестира?!

Универзитетскиот професор по бизнис д-р Миле Терзиовски од Универзитетот Саут Австралија предупреди:

„Ако Македонија влезе во ЕУ, цената на работната рака ќе се покачи и прашање е дали тогаш земјата ќе може да биде конкурентна како сега. Македонија треба целосно да го искористи претпристапниот период од неколку години до влезот во ЕУ“.

Хубертус Ван дер Ваарт, извршен претседател и коосновач на СЕАФ од САД ги нотира секторите во кои вреди да се инвестира во Македонија:

„Во луѓе кои се креативни и амбициозни. Во производството на овошје и зеленчук со висока вредност од органско потекло или во обработена форма. Тоа може да е одличен производ, дури во грижата за постарите граѓани. Има уште многу потенцијал во Македонија. Иако банкарскиот систем е стабилен, на некој начин тој овде спие. Банките тешко се решаваат да кредитираат голем број бизниси во своите рани фази“.