1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Имa ли во Македонија заеднички политички идентитет?

Исвиркувањата на државната химна од навивачите на „Шкендија“ пред почетокот на натпреварот со „Тетекс“ во Скопје во финалето за Фудбалскиот куп го наметнаа прашањето: има ли државата заеднички политички идентитет?

Средбата меѓу двете фудбалски екипи од Тетово вчера на двапати беше прекинувана и таа не го дочека крајот, поради многубројните извикувања со навреди на етничка основа. На ваквите непријатни случувања во завршницата во најмасовното фудбалско натпреварување на Македонија во изминатите неколку дена им претходеа и истакнувања на нечии писмени повици до навивачите на „Шкендија“ на многу места низ Тетово за „заминување на финалето на Фудбалскиот куп на ФИРОМ“. Овие настани во Скопје и Тетово не се единствените од ваков вид досега. Во последниве години паѓа в очи фактот дека на 2-ри август, Илинден, и на 8 – ми септември, Денот на независноста на земјата, во градовите и општините со доминантно албанско население, но каде што, исто така, живеат и Македонци и други етникуми,  не се истакнуваат македонските државни знамиња, или тоа ретко каде се прави. На 28-ми ноември, Денот на независноста на Република Албанија, во тие исти градови и општини забележливо е масовно поставување на албанските национални и државни знамиња.

Постои ли меѓуетничка кохезија?

Кога граѓани, па и општински раководства, од редови на одредена етничка заедница не го истакнуваат знамето на државата во која живеат на нејзините официјални празници, а го веат само знамето на друга земја, во која живеат нивни сонародници, тогаш аналитичарите го вклучуваат алармот и го поставуваат прашањето: што се случува со внатрешната меѓуетничка кохезија во таа држава, дали тоа постои? Кога, пак, и се палат „заемно“ знамињата на таа држава од страна на едни граѓани, но и знамињата на „туѓиот“ етникум од страна на други граѓани, што, исто така, се случуваше лани и годинава во Македонија на спортски мечеви и други јавни пригоди, тогаш веќе се наметнува едно друго прашање: колку е длабок меѓуетничкиот јаз во таквата земја со мултикултурен предзнак?

Einkaufsstrasse in Tetovo Mazedonien

Константин Миновски, експерт по социологија на етничките групи од државниот универзитет во Скопје, вели: „Промените што се случуваат во Македонија во периодот после осамостојувањето па се‘ до денес упатуваат на трансформација на македонската држава од национална во бинационална држава, особено по воениот конфликт од 2001 година и Охридскиот рамковен договор, што се преточи во Уставот на државата. Намерата е македонската држава да се федерализира и формално. Од почетокот на нејзиното оамостојување претежно од страна на политичките субјекти на Албанците во земјата се оспоруваше нејзиниот национален карактер и на неа се гледаше како на нова безлична творба. Во прилог на ваквите состојби е и длабоката расцепеност на македонското општество по етничка и уште понагласено на религиска основа. Поделеноста на образовниот процес од најрана возраст се‘ до завршните степени на образование влијае врз одржувањето на ваквата состојба. Националната приврзаност кај сите етнички групи е голема. Етничката оддалеченост на групите е голема, а уште поголема е религиската оддалеченост (христијани – муслимани).  Не можеме да зборуваме за процеси на интеграција во македонското општество кога имате прифатено територијална поделба, која треба да биде во функција токму на спротивното, а со знамињата се обележува територијата која ја поседуваме (ја контролираме), или треба да ја освоиме (согласно со аспирациите вкоренети во некои историски присутни агенди).“

Заради одразување на еден поширок спектар на погледи побаравме мислења и од неколку политички експерти и аналитичари од албанскиот етникум, но, тие од свои причини не дадоа одговори на прашањата, кои им беа упатени во писмена форма на нивните мејл – адреси.

Гордана Силјановска – Давкова, експерт за политички и уставен систем од државниот универзитет во Скопје во својот научен труд „Глобализацијата и демократијата и македонскиот рамковен и уставен инженеринг“ од 2007 година пишува: „Со Рамковниот договор и со уставните амандмани  од 2001 година македонското мултиетничко општество се трансформира во мултиетничка, всушност, бинационална држава. Етницитетот е извлечен од сферата на културата, јазикот и идентитетот и тој е вграден во политиката, правото и институциите. ... Очигледен е доминантниот расцеп меѓу Македонците и Албанците во смисла на два етнички, религиозно и јазично одвоени сегмента, кои речиси никаде не се вкрстуваат, освен во социјалниот статус...“

Култивирање на дијалог и отворена комуникација меѓу етникумите

Ризван Сулејмани, професор по политички науки од Државниот универзитет во Тетово, во својот труд „Предизвиците на Охридскиот договор“ – десет години потоа“ од 2011 година, истакнува. „Македонија има мирен живот, но нема хармонија меѓу етничките заедници. Таа треба да продолжи со своето демократизирање, каде што под демократија нема да се подразбира само учеството на етничките заедници во Парламентот и Владата, туку и нешто повеќе од ова: таа ќе значи и култивирање дијалог и отворена комуникација меѓу етничките заедници, што ќе произведе една нова вредност и каде што комуникацијата меѓу тие заедници е нешто свето, а не наметната работа.“

Gordana Siljanovska

Гордана Силјановска – Давкова

Неидентификувањето со химната, знамето, името на Република Македонија исфрлаат на површина неколку дилеми: дали таа воопшто има „заеднички политички идентитет“ како држава со повеќеетничко население? Како да се изгради таков колективен државен идентитет на оваа земја, кој ќе содржи елементи од етничкиот идентитет на македонскиот народ и на идентитетите и на другите етникуми во земјата? Значи, имајќи заеднички и општоприфатени елементи од сите етникуми? Можно ли е постапно сé поголемо заедничко насочување на сите етнички заедници и македонскиот народ кон заедничките точки во опстојувањето на државата, кон заемното, реципрочно „внатрешно интегрирање“ по пат на градење „заеднички политички идентитет“?

Професорката Давкова -Силјановска во изјава за ДВ нагласува: „Можно е таквото ’внатрешно интегрирање’ на различните етникуми, кои ќе најдат своја заедничка формула во ’уставниот патриотизам’ – во еден устав со заеднички точки за нив и другите етнички заедници. Но, засега наместо ’уставен патриотизам’, ние имаме само ’национален патриотизам’ на секој од поодделните етникуми“. Во својот споменат труд таа имаше појаснето: „Македонија мора да гради модел на интегративна демократија, наместо ’корпоративистичка консоцијација’ (модел на консензуална демократија со право на етнички вета во донесувањето на важните политички одлуки за државата), ако не сака да ја доживее судбината на Кипар и Либан, или за да не се соочи со белгискиот синдром. На Македонија и‘ треба уставен патриотизам, според примерот на Холандија, за да успее уставниот инженеринг.“

Професорот Миновски се надоврзува: „Во овој период, кога лидерите на најсилните држави во ЕУ, Велика Британија, Германија и Франција го прогласија мултикултурализмот како ’мртов’, Македонија води политика на признавање и негување на разните социјални идентитети (при што не навлегувам во тоа што се подразбира под идентитет и можните манипулации со него, без оглед дали станува збор за културен, етнички, религиски, родов, и т.н) и не само согласно со меѓународните стандарди што ги има прифатено, туку во некои домени и ги надминува, иако финансиските можности на државата не се на ниво на одржување таква политика. Се‘ уште има членки на ЕУ кои што ги немаат потпишано, или ратификувано ’Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства’, ниту  ’Европската конвенција за заштита и промоција на јазиците’ што се користат од традиционалните малцинства.“ 

Останува отворена дилемата како Македонија ќе го заживее својот „заеднички политички идентитет“, за кој сега е прашање дали  и колку го има, а кој потоа ќе биде широко заживеан и прифатен меѓу сите нејзини етнички заедници, меѓу сите нејзини граѓани, кои ќе ги имаат во своето видно поле во исто време и сопствениот етникум и Македонија.