1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Им се заканува ли на американските уметници нова “Макартиева ера“?

Последниве недели донесоа нови примери на шиканирање на уметници кои се осмелуваат да изразат критика на сметка на администрацијата на Џорџ Буш

Голдберг во кампања против сидата

Голдберг во кампања против сидата

На концертот на познатата кантри пејачка Линда Ронштат во Лас Вегас минатиот викенд дојде до вистински нереди, во кои дури летаа шишиња кон сцената. Повод беше пофалната песна на славната пејачка на адреса на режисерот Мајкл Мур, чиј филм “Фаренхајт 9/11“ претставува остра критика на американската влада. Управата на хотелот веднаш издаде забрана за натамошни настапи на Линда Ронштат со образложение дека таа била повикана за разонода на публиката, а не за политичка пропаганда.

Токму за пропагандни цели против кандидатот на Буш на наредните претседателски избори, Џон Кери, ја повика на една изборна гала познатата актерка Вупи Голдберг, која во таа прилика дури си дозволи да направи две три несолени шеги на сметка на претседателот и неговиот заменик. И неа многу брзо ја снајдоа непријатни санкции. Фирмата за диетални производи “Слим фаст“ го раскина веднаш договорот за реклами со Вупи Голдберг, тежок повеќе милиони долари.

“Зошто воопшто да настапувам негде, ако не можам да бидам при тоа и провокативна?“ - одреагира Голдберг разгневена од постапката на фирмата, чие главно седиште е во Флорида, каде гувернер е братот на претседателот Џорџ Буш, Џеб.

Ова се само најнови примери за една појава што предизвикува се поголема загриженост кај политичките набљудувачи во САД. Иако санкциите во овие две ситуации не доаѓаат директно од власта, сепак зад нив се кријат економски кругови кои и се блиски на власта.

“Сето почнува да се претвора во индиректна, но ефикасна цензура. Не е владата таа што вели дека Вупи Голдберг мора да биде отпуштена или пак филмот на Мајкл Мур не смее да биде прикажуван. Но, кога владините кругови се толку тесно поврзани со концерните, а економските босови зависат од владините одлуки кои можат да создадат за нив поволни услови за стопанисување, тогаш она што се случува е многу блиску до де факто државна цензура.“ - оценува професорката по правни науки на Универзитетот во Колумбија, Кимберли Креншо.

И Виктор Кејмбер од лево либерално ориентираната фирма за политички маркетинг оценува дека тесната поврзаност на политиката и стопанските босови може да ги загрози слободите на умнетиците во САД.

“Владата на претседателот Буш спроведува политика, според која оној кој ја критикува е предавник на татковината!“

Погодените уметници добија деновиве сепак и поддршка: британската рок ѕвезда, Сер Елтон Џон во интервју за “Њујорк магазин“ се пожали на климата на страв што се шири во САД. Сето многу го потсетува на ерата на Меккарти, посочи Елтон Џон, кога во 50-тите години уметници и интелектуалци со левичарска ориентација беа подложени на тешка кампања на заплашување како од политичарите, така и од медиумите.