1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Имунитетот на германскиот претседател под знак прашање

Кристијан Вулф е на добар пат да стане првиот германски претседател во историјата кој се соочил со кривична истрага. Осомничен е за корупција додека бил покраински премиер.

Јавниот обвинител во Хановер вчера побара укинување на имунитетот на сојузниот претседател Кристијан Вулф, како прв чекор во правец на отворање официјална истрага за можна корупција.

Конзервативецот Вулф ги отфрла повиците да си поднесе оставка уште од декември минатата година кога беа откриени серија скандали во кои тој беше осомничен дека користел услуги и кредити од богати бизнисмени во периодот додека бил премиер на покраината Долна Саксонија.

David Groenewold

Менаџерот Давид Гроневолд

Обвинителството соопшти дека постои „основано сомнение“ оти Вулф прифатил услуга, што претставува кривично дело за државен функционер кое се казнува со три години затвор. Менаџерот на компанија која се занимава со инвестиции во филмската индустрија, Давид Гроневолд е осомничен дека ја извршил услугата.

Минатата недела Вулф, преку неговите адвокати, негираше дека тој и неговата сопруга биле на одмор на сметка на Гроневолд.

„Се разбира дека се уште важи презумпцијата на невиност, и покрај основаниот сомнеж“, соопшти обвинителството во Хановер. Оттаму одбиваат да дискутираат за содржината на доказите, но посочија на неодамнешните извештаи на истражувачки новинари во земјата околу темата. Неколку медиуми претходно информираа дека Гроневолд го платил одморот на Вулф, откако една година претходно неговата компанија добила кредитни гаранции од покраинската влада на Вулф.

Адвокатот на Вулф одби да ја коментира одлуката на обвинителството.

Olaf Glaeseker Christian Wulff

Претседателот Вулф со поранешниот портпарол Олаф Глезекер

Германскиот претседател претходно веќе беше во центарот на вниманието на јавноста, откако се извинуваше поради тоа што не пријавил земен заем од богат бизнисмен, а потоа го отпушти и својот долгогодишен портпарол и советник кој исто така е обвинет за корупција.

Опозицијата во Германија синоќа уште еднаш го повика Вулф да си замине од функцијата. Партијата на Зелените соопшти дека Вулф во најмала рака треба да земе неплатен одмор за време на истрагата.

Генералната секретарка на Социјалдемократите Андреа Налес беше уште поостра во оценката. „Кривична истрага е некомпатибилна со функцијата претседател“, рече Налес.

Од обете партии најавија дека без дилема ќе гласаат за одземање на имунитетот на Вулф, но истото го побараа и од владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, од чии редови доаѓа шефот на државата. Од ЦДУ досега официјално не го коментираа настанот, но високи партиски функционери, неофицијално, изразија шок и најавија дека ќе бараат објаснување од Вулф.

Претседателскиот мандат на Кристијан Вулф е одбележан со проблеми уште од самиот почеток. По седум години на чело на покраинската влада во Долна Саксонија, Вулф беше избран за сојузен претседател во 2010. година, но дури по третото гласање во парламентот, и со тешки последици по стабилноста на владината коалиција на Меркел. Вршењето на функцијата, која се смета за повеќе церемонијална, одеше мирно се’ до избивањето на скандалите во ноември минатата година.

Автор: Борис Георгиевски//дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска