1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имигрант, бегалец или азилант?

Свен Поле/бг31 август 2015

Медиумите од почетокот на бегалската криза во Европа користат многу поими поврзани со темата. Се појавија и нови термини кои внесуваат многу нејаснотии. Која е разликата меѓу имигрант, бегалец и азилант?

https://p.dw.com/p/1GOJ2
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

Кој е имигрант?

Имигрант е во принцип секој кој од едно место се сели во друго. Без оглед на тоа дали се работи за селидба во рамките на една земја или странство. Кога се говори за имигранти, по правило се мисли на лица кои доброволно го менуваат местото на престој, на пример поради семејни причини, или ново работно место.

Кој се смета за бегалец?

Правно гледано, бегалецот за разлика од имигрантот е лице кое ги исполнува условите од Женевската конвенција за бегалци. Според тие критериуми, бегалецот е некој кој поради својата раса, вера, национална припадност, политичко уверување или припадност кон одредена општествена група би морал да го напушти своето место на живеење.

Кој се смета за барател на азил?

Лицата кои ќе поднесат барање за политички азил се нарекуваат, за време на процесот на проверка за исполнување на условите за добивање статус - баратели на азил. Одлуката за барањето за доделување азил во Германија ја донесува Сојузното биро за миграции и бегалци (БАМФ). Тоа биро проценува дали подносителот ги исполнува условите за стекнување на право на политички азил или статус на бегалец. Се‘ додека тоа се одлучува за тоа барање, подносителот мора да живее во специјални прифатилишта и не му е дозволено да работи.

Кој има право на азил во Германија?

Во германскиот Устав се наведува: „Политички прогонетите имаат право на азил“. За политички прогонети важат оние кои поради политички уверувања во својата татковина се до таа мерка изолирани што доаѓа до повреда на нивните човекови права. Тешката состојба, како сиромаштијата, не е причина за давање азил. По распадот на Варшавскиот пакт дојде до ограничување на правото на азил. Политички азил сега може да ужива само лице кое не доаѓа од т.н. земји со сигурно потекло.

Што е земја со сигурно потекло?

Земјите со сигурно потекло не ги прогонуваат своите граѓани и не практикуваат нечовечко или понижувачко казнување. Но дури ни граѓаните кои доаѓаат од земјите со сигурно потекло, не смеат едноставно да бидат протерани. На секој подносител на барање за азил во Германија мора да му се пружи шанса правно да докаже дека во земјата му се заканува некоја опасност. Барањата на лицата кои доаѓаат од т.н. сигурни земји по правило се одбиваат, доколку не станува збор за некоја посебна ситуација.

Symbolbild Abschiebung
Фотографија: picture-alliance/dpa/Seeger

Што се случува по одбивањето на барањето?

Во случај на одбивање на барањето за азил или непризнавање на статусот на бегалец, лицето мора да ја напушти Германија. Во спротивно, се заканува протерување. И против протерувањето, подносителот на барањето може да вложи жалба. За временскиот период кој ќе го мине чекајќи на протерување, или во случај протерувањето од безбедносни причини да не може да се изврши, лицата со одбиени барања за азил стекнуваат т.н. статус на толерирање. Тоа може да се однесува и на малолетници без придружба на возрасни.

Лицата на кои им е одбиено барањето, исто така можат, во случај во земјата на потекло да им се заканува голема опасност поради војна, мачење или смртна казна, да побараат и т.н. привремена или провизорна заштита. Во моментов владее консензус околу тоа дека протерувањето во земји како Сирија, Еритреја, Сомалија или Авганистан е нехумано. Лицата со признат статус на привремена заштита, не смеат да бидат протерани и за почеток добиваат едногодишен престој во Германија.

Што значи Даблинската постапка?

Германија не одлучува за секое барање за азил. Според т.н. „Даблинска постапка“ на ЕУ, за правото на азил одговорна е онаа земја во која подносителот првпат влегол на подрачјето на ЕУ. Во случај таа земја да важи како сигурна, барателите на азил, по правило, мораат да се вратат назад во таа земја за таму да го поднесат барањето.

Според германскиот закон за процесот на стекнување на статусот политички азилант, сите земји на ЕУ, како и Швајцарија и Норвешка, важат за сигурни земји. Но поради тешката состојба со бегалците, германскиот Сојузен уставен суд донесе одлука Грција веќе да не се третира како сигурна земја. Затоа германските власти веќе не ги протеруваат бегалците назад во Грција.