1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Името на Македонија, тема во Стразбур

ОН не е единственото место за преговори за името. Грчкиот претставник, до Комитетот на министрите на Советот на Европа доставил во писмена форма забелешка за користењето на термините „Македонци“ и „Република Македонија“.

default

Стразбур

Последниот пример на новиот пристап на официјалната грчка политика, се случил при претставувањето на извештајот за ситуацијата со човековите права во Република Македонија пред Комитетот на министрите на Советот на Европа. При претставувањето, Комесарот за човекови права, Томас Хамарберг на повеќе наврати рекол Македонци за народот и ја именувал земјата како Република Македонија, што не му се допаднало многу на грчкиот претставник во извршниот орган на Советот на Европа. Грчкиот претставник најпрво реагирал со дискусија, а потоа доставил и во писмена форма забелешка за користењето на термините „Македонци“ и „Република Македонија“.

Писмена забелешка

Првиот дел од реакцијата е основана, односно се бара почитување на употребата на името под кое Република Македонија е примена во ОН, односно добро познатата референца. Но грчките претставници многу почесто ја користат само кратенката, на што често се реагира од македонска страна.

Вториот дел од реакцијата на претставникот на грчката влада во Стразбур е многу поинтересна. Имено, се бара да не се користи терминот „Македонци“ за населението во Република Македонија и наместо тоа да се нарекува само како „Славо-Македонци“. Ова се објаснува со фактот дека со нарекувањето на населението на соседната земја само со името „Македонци“, се навредувало чувството „на 2,5 милионите Македонци“, кои што живеат во Грција.

Kostas Karamanlis, Premierminister von Griechenland

Премиерот на Грција, Костас Карамналис

Со ставот дека во Грција има 2,5 милиони Македонци прв пат официјално се огласи токму во Стразбур, грчкиот премиер Костас Караманлис во јануари 2007 година. „Јас сум Македонец и други два и пол милиони Грци се Македонци и поради тоа, прашањето не може да се гледа на унилатерален начин.“ – рече тогаш Караманлис.

Но последниот настап на грчкиот претставник во Стразбур, е прв официјален обид да се вметне во документ на Советот на Европа, дека во Грција живеат 2,5 милиони „грчки Македонци“. Како што дознаваме на ова реагирале македонските претставници во Комитетот на министрите. Ваквиот став на грчката влада доволно зборува за тешкотиите и пристапот што таа го има Атина во преговорите кои се водат за името на Република Македонија.

Грција и натаму не го признава македонското малцинство

Интересно е дека Грција, која сега тврди дека има 2,5 милиони Македонци на своја територија, се уште не го признава постоењето на македонското етничко малцинство во Грција. Иако, постоењето на македонското малцинство е констатирано од Европската комисија за борба против расизмот - независен орган на Советот на Европа, која работи во моментов на најновиот извештај за Грција.

Во 2004 година во Советот на Европа беше направен обид официјално да се залепи придавката словенски кога стануваше збор за македонскиот јазик, култура, население, традиции итн. Но по жестоките реакции од Македонија, беше повлечен овој внатрешен документ, кој беше во спротивност и со правното мислење на Советот на Европа, во кое стоеше дека не користењето на придавката македонски за народот, јазикот, културата и традициите од Република Македонија и за малцинството во соседните земји кое самото така се определува, е во спротивност со фундаменталните документи на Советот на Европа.