1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Името е важно за датумот за преговори

Средба меѓу македонските пратеници со европратениците во Стразбур и Брисел. Преку средбите двете страни подобро се запознаваат и ги анализираат проблемите со кои се среќава Македонија во евроинтегративниот процес.

default

Зградата на Европскиот парламент во Стразбур

По составувањето на новите парламентарни делегации и комисии по изборот на Европскиот парламент, приоритетни за македонските парламентарци беа средбите со европратениците задолжени за следење на Македонија, како известувачот Зоран Талер, потоа Норика Николаи, известувач во сенка, или копретседателот на мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Јорго Шацимаркакис. Сите европратеници изразиле задоволство и позитивни честитки за позитивниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

„Од наша страна беше потенцирано дека реформите овде не застануваат и дека ќе продолжат со уште поголем интензитет. Во моментов, наши клучни три приоритети се: прво, добивање датум за почеток на преговори со Европската Унија, второ, финализирање на прашањето околу визната либерализација и трето, децентрализација при управувањето на ИПА-фондовите на Европската Унија“, нагласува пратеникот Миле Пачемски.

Според Талат Џафери, европратениците укажале посебно на работите на коишто Македонија треба да посвети внимание во наредниот период, пред донесувањето на одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговори за членство во ЕУ: „Она што тие ни‘ го укажуваат е дека во однос на името треба да се направи напредок во изнаоѓање на издржливо решение за двете страни. Од друга страна, тие беа заинтересирани за политичкиот дијалог во Собранието и Република Македонија. Во однос на тоа, ги информиравме дека од сите политички партии во Собранието и Републиката, главно сите оние кои се политички актери, постои поддршка и консензус за исполнување на барањата кои доаѓаат од ЕУ.“

Главна порака: да се охрабри владата за таа да побрза во изнаоѓање одреден компромис за спорот околу името

Од досегашните разговори кои ги водеа македонските парламентарци во Стразбур, според Емилијан Станковиќ, главната препорака е во овој клучен период за Република Македонија, до декември, да се охрабри владата и таа да побрза во изнаоѓање одреден компромис за решавање на долгогодишниот спор со Грција.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski

Македонскиот премиер Никола Груевски упати писмо до претседателот на Европскиот парламент

„Имаше одредени совети. Главната порака беше владата конечно да почне вистински да преговара. Дефинитивно, она што доаѓа како сигнал од Грција и новата грчка влада, покажува дека новиот состав на владата во голема мера би ни‘ ја олеснила ситуацијата во преговарачкиот процес. Оттука, од суштинска важност е како владата ќе се постави и дали овие два месеци ќе ги искористи за наоѓање, или вистинско преговарање, што ќе ни‘ ја олесни позицијата во ноември.“

Во Стразбур е најавено дека известителот на Европскиот парламент за Македонија Зоран Талер, на 29-ти овој месец ќе ја посети земјата пред да почне со изготвување на извештајот за наредната година.

Дека Македонија очекува и бара поддршка од Европскиот парламент за почетокот на пристапните преговори сведочи и писмото кое премиерот Никола Груевски го упати до претседателот на Европскиот парламент Јиржи Бусек, во кое побара негова и поддршка од оваа институција при постапката за добивање на датум за преговори. Во писмото, Груевски искрено се надева дека Европскиот совет во декември ќе донесе позитивна одлука за неговата земја.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска