1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Има ли јунак што ќе ја „заживее“ политичката дебата

Македонската јавност е „гладна“ за вистински дебати. Она што во развиените земји е демократски стандард, но и јавна обврска за политичарите, посебно за оние што се на власт, полека замира.

Актуелната состојба на дијалог-монолог на власта или опозицијата според експертите  е штетна за демократските процеси. Прашањето на отсуство на вистинска политичка дебата во медиумите во Македонија според универзитетскиот професор Весна Шопар е проблем кој јавноста веќе долго го чувствува. Таа според нејзе е „вешто“   заменета со постојани прес конференции на политичките партии од власта и опозицијата понекогаш дневно и по неколку пати:

„Се разбира, сите тие се однесуваат на актуелни општествени прашања и проблеми, и се стекнува впечаток како со тоа да е исцрпена потребата за тие прашања и проблеми понатаму да се дебатира. Не отсуствуваат ни интервјуа, вообичаено во телевизиските вести, најчесто со претставниците на власта, но нема дијалог - соочување, бидејќи новинарот-водител најчесто „оперира“ со однапред подготвени прашања. Веројатно се мисли дека на „јавноста и не и е потребно повеќе да знае“. За жал, тоа јасно зборува за демократските капацитети на Македонија како држава. Односно, токму соочувањето на актуелната власт и нејзините министри со претставници на опозицијата или граѓанскиот сектор е вистинскиот доказ за тоа колку на дело сме демократско општество. Колку и некој да не „милува“ јавно да се соочи и со своите „граѓани“ и со своите „противници“ особено кога станува збор за прашања од јавен интерес, а такви во последно време има се повеќе и повеќе, тоа не може и не смее да се прифати ни како објаснување, а уште помалку како оправдување. Ако се направи една површна анализа на медиумите од нашето соседство, јасно ќе се види

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien

Единствената дебата меѓу политички противници засега се одвива во парламентот

колку политичките дебати котираат високо на нивната агенда“, смета Шопар

Недостиг на политичка култура

Отсуството на политички дебати според новинарот Љупчо Поповски е недостиг на нормална политичка култура и натпревар, не само кај политичарите, туку и кај јавноста. Она што во САД и нормалните европски држави е незамисливо и никому не му паѓа на ум ни да го спомене, овде се сведува во графата на омаловажување на противникот: „Мислите дека во Франција Никола Саркози ќе можеше да излезе на избори ако ги одбиеше дебатите со Франсоа Оланд. Во истиот момент тој ќе можеше да ги спакува куферите и пред изборите да си замине од Елисејската палата“, смета Поповски.

Јавноста во Македонија според него никогаш не доби вистински одговори зошто премиерот Никола Груевски ги избегнува дебатите. Одговорот дека тој е во постојан контакт со народот е само споредно објаснување:

„Тврдењата на опозицијата дека тој се плаши од дебати се само делумно точни. Можеби одговорот треба да се бара во комотната позиција што ја има во политиката, победите на изборите и анкетите. Оној момент кога опозицијата ќе води во анкетите и кога пред неа ќе се оцртува победата, дебатите ќе дојдат на дневен ред за да се запре падот на популарноста.

Опозионерските прваци постојаното го повикуваат Никола Груевски на дебата и тоа се повици во празно. Јавноста веќе и не реагира на нив. Ниту поради тоа некој губи ниту некој добива. Опозиционерите треба да ја затворат таа тема. Што се однесува до нас, јавноста, ние сме посиромашни да гледаме политички натпревар. Но, кој мисли на јавноста? И така таа е ставенa во шпаизот на интересот на политичарите. Таа служи само да ги јакне нивните ега, а не да се слуша дамарот на народот“, коментира Поповски, кој подолг период ги анализира општествено политичките состојби во земјата.    

Јавниот сервис- клучен фактор   

Во ваков амбиент, според Шопар, клучен носител на промената и ослободување

Macedonian Radio Television, MRT

Македонската радио-телевизија

на демократијата од „замката“ во која таа е приклештена треба да биде јавниот сервис:

„Тоа треба да биде Македонската радио телевизија, токму како јавен сервис, кој конечно има и законска обврска да се грижи низ програмите да се рефлектираат различни идеи, да се поттикнува културата на јавен дијалог, да се залага за слободата и плурализамот на изразување на јавното мислење. Се разбира, тоа не ги ослободува и приватните радиодифузери. И тие, законски својата програма, меѓу другото, треба да ја темелат врз принципот на отвореност за различни политички мислења и гледишта што најдобро може да се отслика токму преку политичките дебатни емисии. Но, за тоа да не остане само „мртво слово на хартија“, се чини дека сепак клучот е во рацете на власта, која и да е“. , смета Шопар.

Сите досегашни анализи и анкети околу ова прашање покажуваат дека јавноста во Македонија е гладна за жесток телевизиски дуел на кандидати за премиер или претседател. Упатените со право коментираат дека со носталгија се сеќаваат на легендарниот дуел во 1998-та помеѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.