1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Има ли спас за фудбалот на западот на Балканот?

Меѓу желбата за поквалитетна конкуренција и страв од навивачки судири и натаму се водат расправи за можната заедничка фудбалска лига на земјите од поранешна СФРЈ. Но дали со тоа би се обезбедил доволно силен пазар?

Кога станува збор за фудбалот, во релативно правилни циклуси во регионот на т.н. Западен Балкан се отвора темата за основање заедничка, регионална лига. По распадот на Југославија и гаснењето на нејзиниот фудбалски контекст, се создадоа мали лиги кои се соочија првенствено со недостаток на силна домашна натпреварувачка конкуренција. Тоа, меѓу останатото, доведе до помалку квалитетен фудбал, одлив на млади играчи во богати средини, послаб интерес од публиката и, конечно, се' помал профит на клубовите.
Сепак, секој пат учесниците во дискусијата заглавуваат на политички, односно, безбедносни и економски прашања: дали е можеби прерано за таков обид, и дали цената би била превисока, дури и поголема од добивката? Или, како што изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора и поранешен славен фудбалер Дејан Савичевиќ: „Се плашам дека тоа би била масакар-лига.“ Тој тоа го изјави пред 3 години, а и неодамна предупреди на проблемот на сосема извесните меѓунационални навивачки конфликти меѓу хрватските, српските, бошњачките и црногорските навивачи.

Празни трибини или крвопролевања

Flash-Galerie WM Fans Serbien

Никој се' уште не го знае решението за тоа (освен нафрлени идеи да се оневозможат гостувачки навивачки посети) како неполни 2 децении по војната или војните на тие простори да не дојде до крвопролевање на стадионите. Но, каков е тој фудбал без навивачи, односно со само една навивачка страна на трибините? Во другите спортови - кошарката, ватерполото, ракометот - заедничката лига мина многу полесно и работите веќе неколку години функционираат релативно добро. Фудбалот е, меѓутоа, сосема друга приказна со очигледно многу поголем политички, национален и емоционален набој.

Анте Врдољак, некогашен претседател на фудбалскиот клуб Загреб, а сега функционер во Загребскиот спортски сојуз, истакнува дека лига без спонзори и гледачи нема шанси да опстане. „Ние сега имаме наводни професионалци, но тие лиги никој не ги гледа. Организацијата е исто така лоша, еве, никогаш до крајот на сезоната не се знае колку клубови ќе испаднат, односно влезат догодина во првата лига“, вели Врдољак, веднаш потоа осврнувајќи се на неспортските мотиви на таа тема- шовинизмот.

На „Австроунгарија“ не и‘ треба дивеење на хрватски, српски и навивачи од БиХ

„И да најдеме модел кој би ги задоволил деловните стандарди, што се нормални во Европа, не би знаеле како да излеземе на крај со ниските страсти, и сето така би можело да падне во вода“. Врдољак нагласува оти насилството е и онака присутно и во сегашните, одделни лиги, наведувајќи го примерот на навивачите на Динамо и Хајдук, најголемите хрватски клубови, кои се во постојан конфликт. Но, тој сеедно не би се откажал лесно од идејата за заедничка лига, бидејќи факт е дека соработкатаомеѓу тамошните земји константно се развива во веројатно сите останати дејности, освен во фудбалот.
Анте Врдољак е уште скептичен кога станува збор за алтернативни предлози за лиги, како оној за „австроунгарската“ лига. Пред се' поради заклучокот дека на пример Австријците, како сопственици на една во многу работи средена национална лига, сигурно не би сакале да имаат работа со фудбалски средини какви што се хрватската или босанско-херцеговската или српската.

Damir Pilic

Дамир Пилиќ

Максимир и Пољуд би можеле да ги наполнат поголемите екс-југословенски клубови“

Сплитскиот новинар, социолог и публицист Дамир Пилиќ, некогаш и самиот навивач, пак, смета дека „австоунгарската“ лига би страдала од недостаток на втемелена традиција, за разлика од несигурната и ризична, но и тоа како мотивирачка западнобалканска лига. „Максимир и Пољуд, па и Маракана или Грбавица, би можеле да ги наполнат единствено поголемите екс-југословенски клубови, и тоа им е на сите јасно“, вели Пилиќ за ДВ, „додека алтернативата би значела потиснување на балканските спојници на хрватскиот идентитет во полза на средноевропскиот.“

Пилиќ смета дека фудбалот не е вистински медиум за таков вид експериментирање со националниот идентитет, иако нема ништо против „австроунгарска“ лига. Кога станува збор за западнобалканската, и за него е очигледно дека другата страна на споменатата висока мотивација претставува потенцијална и голема опасност, а натпреварите без гостински навивачи ги смета за бесмислени. „Сигурно е единствено тоа дека спортската оправданост на таквата лига сама за себе би била повеќе од јасна“, вели Дамир Пилиќ.

Големи и мали клубови

Бидејќи, клубовите би имале многу повеќе силни натпревари, младите играчи побрзо би напредувале, а трибините би биле значително пополни. Отворено прашање е како кон тоа ќе се однесува Евроската фудбалска федерација УЕФА, додека е многу извесно дека најголеми загуби би имале малите клубови на Балканот. Но, како што исталнува Пилиќ, токму „поплавата“ од мали клубови во сегашните национални лиги довела до пад на квалитетот на игра во тие земји и до тешка провинцијализација на овој спорт.

Stadion Maksimir Flash-Galerie

Стадионот Максимир во Загреб

Поранешниот хрватски репрезентативец Марио Станиќ, кој денес е колумнист на спортскиот портал „Igralište.hr“ пак, смета дека заедничката лига нема да наиде само на отпор кај малите клубови, туку и кај најтесниот круг на оние успешните, кои денес полесно влегуваат во европската Лига на шампиони од своите национални конкуренции во кои помалку или повеќе се неприкосновени.

Големите пазари ги згаснуваат малите

„Динамо и да речеме Црвена ѕвезда , па Желјо ... Големо прашање е дали нивните газди би заработувале повеќе од регионалната лига отколку што заработуваат денес. Мислам дека никој тоа се' уште не го истражил внимателно“, вели Станиќ. Покрај тоа ни тој нема одговор за вечното прашање: дали е дојдено време за таква лига или е подобро да се почека? Марио Станиќ ги спушта рамениците и одговара дека и онака се дојдени до енигмата како воопшто да се спаси самата иднината на фудбалот на тие простори.

Тој имено, не е сигурен дали би успеал кој било од замислените обиди за спас. „Ова се поинакви времиња за разлика од пред 20 или повеќе години, светот се глобализира, големите пазари го преземаа општиот примат и парите денес апсолутистички владеат со фудбалот. А пред тоа искушение можеби нема да помогнат ни радикално припитомените навивачи“, истакнува Станиќ.