1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Има ли спас за охридската пастрмка?

Ендемичната пастрмка сѐ помалку ја има во Охридското Езеро. Забраната за лов не помогна многу, но концесионерот „Пастрмка 2012“ тврди дека недозволениот лов за 1 година е намален за цели 90 проценти. Како?

Со години Охридското Езеро беше без стопан. Во периодот кога Македонија прогласи мораторум за риболов, пастрмката слободно се ловеше на албанската страна од езерото. Рибокрадците немилосрдно се нафрлија на и така осиромашениот рибен фонд, посебно на пастрмката. Таа завршуваше на нелегалниот пазар и во дел од кафеаните на двете страни од езерото кои и покрај забраната ја имаа на мениата. Долго се кршеја копјата: Постои ли иделано решение како да се заштитат езерото и вкупниот рибен фонд во него?

Македонската влада пресече и го даде под концесија. За само една година откако концесионерот „Пастрмка 2012“ го презеде управувањето со Охридското Езеро и воведе физичка заштита, рибокрадаството на најголемото македонско природно езеро тврдат дека е намалено за 90 проценти. Како се случи тоа?

Физичката заштита – спас за рибите во езерото

Fangverbot und Zucht haben Ohrid-Forelle gerettet

Концесионерот „Пастрмка 2012“ воведе физичка заштита на рибите

Ристе Танасоски, сопственик на „Пастрмка 2012“ вели: „Формиравме рибочуварска служба. Вработивме 14 лица и уште толку преку приватна агенција за обезбедување, ангажиравме рибари во Охрид и Струга. Во ова кризно време вработивме вкупно 58 лица. За да ги задоволиме сите услови пропишани во Законот за рибарство и аквакултура набавивме 30 пловни објекти, два глисери и софистицирана опрема за набљудување. Тврдам дека ваква физичка заштита на езерото немало. До сега се поднесени 15 кривични и 30 прекршочни пријави, а во содејство со СВР-Охрид и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство запленивме над 20 километри мрежи и друг риболовен алат.“

Вештачкиот мрест – уште еден начин за спас на пастрмката

Напоредно со ова радува и податокот дека икрата собрана за вештачки мрест на пастрмката од јануари до март годинава е на нивото од пред 10 години. Директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид д-р Сузана Патчева соопшти: „Годинава собравме 1.860 000 зрна икра од кои добивме 1.760 000 подмалдок пастрмка. На крајот од август во езерските води пуштивме 100.000 пастрмки со просечна тежина од 2 до 2,5 грама и долги меѓу 6 и 8 милиметри стари околу 6 месеци. За скоро Охридското Езеро ќе биде збогатено со уште 2 милиони единки пастрмка“. Покрај во Охрид порибување се врши и во мрестилиштето Шум кај Струга.

Ohridforelle Albanien

Пастрмката е бавнорастечка риба

Неодамна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски рече: „Од 2006 година досега во езерото се фрлени околу 14 милиони парчиња пастрмка, а за таа намена се одвоени околу 35 милиони денари.“ Димоски укажа дека комуницира и бара пат за соработка со албанската страна, за да се постигне поголема контрола во ловот на рибниот фонд. Освен кај Тушемиште од 2004 мрест на пастрмка се врши и во селото Лин.

Македонија ја заштитува, во Албанија пастрмката уште се лови

Меѓу Поградец и Лин езерото уште не е под концесија. Освен што се лови илегално, според Танасоски постои и организација во која членуваат околу 300 рибари кои за само 50 евра годишно ловат риба во Охридското Езеро. Оттука и впечатокот дека побрзо се лови, отколку што пастрмката и другиот вид риба можат да пораснат и природно да се оплодат. „Пастрмката е бавнорастечка риба за да порасне и стане полова зрела и се потребни од 5 до 7 години. Поради тоа ние сѐ уште не ја ловиме“, вели концесионерот Танасоски, загрижен за нејзините уништени природни плодишта кои тешко се обновуваат.

И додека пастрмката легално во Охрид речиси и да ја нема, а нејзината чест ја брани белвицата во Тушемишта, првата населба по граничниот премин кај Свети Наум на албанска страна таа се служи. Охриѓани и стружани, особено за викенд ги влече мирисот и вкусот на пастрмката, но и нејзината, за половина пониската цена во кафеаните отколку на македонската страна од езерото.