1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Има ли сили Штутгарт за подвиг во Лондон?

-Денеска и утре се играат реванш-средбите од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите - само вистински подвиг може да ги доведе германските претставници Штутгарт и Баерн меѓу осумте најдобри екипи во Европа. Притворен претседателот на германскиот прволигаш Минхен 1860: Карл-Хајнц Вилдмозер осомничен за подмитување и прикривање данок.

Штутгарт му гостува на Челзи во Лондон со пасива од првата средба, по поразот пред своите гледачи со 1 спрема 0. Но, токму затоа нема ни што да загуби. Дополнителен поттик може да биде и успехот на саботното гостување од Бундеслигата и победата со 2 спрема 0 против Борусија во Дортмунд, со што тимот има реални шанси да се бори и наредната сезона да учествува во Лигата на шампионите. Освен спортскиот мотив, тука и парите играат забележителна улога - за досегашните настапи во тековнава Лига на шампионите Штутгарт веќе заработи 20 милиони евра. Парите во најголем дел се инвестирани во набавка на нови играчи и продолжување на договорите со младите репрезентативци, меѓу нив и 22-годишниот Кевин Курањи. Тој би можел да биде играч за подвиг и на вечерашниот дуел во Лондон, но веќе подолго време е во криза и полни 465 минути, или повеќе од пет натпревари, нема постигнато гол.
Иако голем фаворит, домаќинот е претпазлив. Клаудио Раниери, тренер на Челзи, предупредува: "Штутгарт е опасна екипа. Ние победивме во првиот натпревар и се надевам дека е тоа доволно. Но, сметам дека мора да постигнеме уште еден гол". Раниери не може да смета на Емануел Пети, Хуан Себастијан Верон и Марио Станиќ, кои се веќе подолго време повредени.
Во другите денешни дуели Олимпик во Лион како фаворит го пречекува Реал Сан Себастијан, дотолку повеќе што во првиот дуел на гости победи со 1 спрема 0. На Манчестер Јунајтед за пласман во четвртфиналето му е доволна и победа со 1 спрема 0 по поразот во Порто со 2 спрема 1, а Јувентус во Торино ќе мора да го надомести минусот од Ла Коруња, каде Депортиво славеше победа со 1 спрема 0. Баерн утре му гостува на Реал со кого во Минхен одигра 1 спрема 1.

Клупските простории на Баерн денеска беа претресени од иследниците на баварската покраинска полиција, токму како и на другиот прволигаш Минхен 1860. Претседателот на тој клуб Карл-Хајнц Вилдмозер и неговиот син се притворени под сомнение подмитување и прикривање данок. Станува збор за доделувањето на изградбата на новиот стадион во Минхен, Алианц-Арена, на кого треба да се играат натпреварите до светското фудбалско првенство во 2006-та година. Од австриска градежна фирма тие наводно примиле 2.8 милиони евра за да се согласат со нејзината понуда за да ја добие градбата на стадионот со вредност од 280 милиони евра. Баерн и Минхен 1860 имаат по 50 насто акционерски удел во друштвото за изградба на стадионот. Баерн, според иследниците, не бил на удар на истрагата.

Поврзана содржина