1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли САД проблеми со расизмот?

Илјадници луѓе излегоа на антирасистички протести на улиците во малото градче Јена, Лујзијана барајќи ист третман во судовите и за лицата од црнечка популација. Што е причината за протестот и какви се реакциите од Јена?

default

Слика од протестите во Јена

Неправедна осуда на шест момчиња од црнечката популација за учество во училишна тепачка е причина поради која неколку илјади луѓе излегоа на улиците во градот Јена во американската држава Лујзијана. Демонстрантите дојдоа со автобуси и автомобили од Њујорк, Атланта, Лос Анѓелес и Њу Орлеанс, за да им дадат поддршка на момчињата. Овој случај стана симбол за многу црнци во борбата против расизмот и дискриминација на нивното малцинство од правосудниот систем во Америка.

“Дојдов да протестирам бидејќи ова ја надминува секоја граница. Уморен сум од начинот на кој се третираат афроамериканците во земјава”, вели Даг Мартин компјутерски аналитичар од Њу Орлеанс.

Американскиот претседател Џорџ Буш е тажен поради случувањата во Лујзијана:

”Ова навистина ме растажи. Имам разбирање за емоциите кои доведоа до ова. Властите и Федералното истражно биро ја набљудуваат ситуацијата. Сите ние во Америка сакаме да еднаков третман на граѓаните во судовите.Тоа до сега добро го правевме и апелирам така и да продолжи”, порача Буш.

Случајот датира од август минатата година

Тогаш на дрво во училиштето во градот беа закачени три јамки за бесење кои се симбол на расистички линч за црнците. Според црнечката популација во градот, овој инцидент ги зголемил тензиите, по што следела спорната училишна тепачка во која настрадало момче од белата популација. Шесте тинејџери црнци се потоа обвинети за нападот. Првичните обвинувања дури беа дека се работи за обид за убиство, но под притисок на црнечката јавност и протестите, обвиненијата се намалени. Еден од шестемина е се уште во затвор. Конечната пресуда за сите се очекува за три дена.