1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли пропусти во работата на БНД?

Аферата со апсењето на тајните агенти на Косово повторно се актуелизира. Повод се медиумски извештаи, во кои се тврди дека централата на БНД направила голем пропуст во случајот.

default

Косовскиот суд ги ослободи германските тајни агенти поради недостаток на докази

Парламентарната комисија за контрола на тајните служби повторно ќе се занимава со аферата со апсењето на агентите на БНД на Косово. Германските медиуми тврдат дека централата на германската тајна служба направила пропуст во третирањето на случајот. Според пишувањето на „Франкфуртер алгемајне зонтагс цајтунг“, агентите уште неколку дена пред да бидат уапсени, ја информирале централата на БНД дека биле испрашувани од косовската полиција. Но, шефот на тајната служба, Ернст Урлау, за случајот разбрал пет дена подоцна. Оваа информација до шефот на кабинетот на канцеларот кој е надлежен за работата на тајната служба, стигнала дури шест дена подоцна од кога се случил настанот. За портпаролот на фракцијата на Унијата, Ханс Петер Ул ова е знак „дека шефот на БНД ја нема агенцијата под контрола“.

Шефот на БНД има поддршка од владата

Uhrlau Befragung wegen Journalisten Bespitzelung wird fortgesetzt

Шефот на БНД, Ернст Урлау

Владиниот портпарол Улрих Вилхелм ги отфрли обвинувања. „Шефот на БНД има целосна доверба од канцеларката и нејзиниот кабинет“, рече Вилхелм во понеделникот. Тој не сакаше повеќе да коментира и нагласи дека сите нејаснотии треба да ги расчисти парламентарната комисија за контрола на тајните служби.

Косовските власти во меѓувреме само изразија жалење за околностите под кои биле уапсени германските агенти, но владата во Приштина нема намера да се извинува. Заменик министерот за надворешни работи, Влора Читаку за Дојче Веле изјави: „Косовската влада не се чувствува виновна, бидејќи не можеме да преземеме вина за нешто, што не сме го сториле. Жал ни е за вревата којашто се крена околу апсењето на германските агенти. Тоа е навистина несреќен настан“. Читаку додаде дека властите во Приштина ќе работат на тоа овој инцидент да не ги наруши одличните билатерални односи меѓу Косово и Германија.

Инаку тројцата тајни агенти на БНД, во ноември беа уапсени во Приштина, поради наводна вмешаност во бомбашкиот напад на седиштето на ЕУ во градот. Иако првично им беше пресуден триесетдневен притвор, тие на 28 ноември беа ослободени, поради недостаток на докази. Еден ден претходно, Германија побара безусловно ослободување на агентите.