1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли промена на односите меѓу Вашингтон и Техеран?

Во Женева се одржува состанок за иранската нуклеарна програма на кој за првпат учествува и висок американски дипломат. За Вашингтон тоа е само сигнал дека се бара решение по дипломатски пат, а не и промена на ставот.

default

Симбол на атом врз иранско знаме

Вашингтон деновиве постојано нагласува дека, тоа што дипломатот Барнс во Женева ќе седне на маса со иранскиот преговарач Џалили не значи и промена на американскиот курс кон Иран, туку знак дека сакаат работите да се решат по дипломатски пат. Својот став кон Иран американскиот претседател Џорџ Буш јасно го кажа во 2002 година:

„Ваквите држави и нивните терористички сојузници се оска на злото!“. Но, во последните седум месеци пред истекот на неговиот мандат се навестува промена на курсот.

„Гардијан“:САД отвора дипломатско претставништво во Техеран

Деновиве британскиот весник „Гардијан“ напиша дека владата на Буш, 29 години по заложничката драма во Техеран има намера да отвори и дипломатско претставништво во тој град. Овој чекор во Вашингтон не се потврдува, но ниту се демантира. Портпаролот на американското министерство за надворешни работи, Шон Меккормак даде општ одговор:

„Не разговараме за интерните договори на владата. Но, нашите напори во последните години јасно ставија до знаење дека сакаме контакт со иранскиот народ. За тоа користиме различни патишта. Во Дубаи имаме оддел којшто ги следи случувањата во Иран и за тоа го информира шефот на Стејт Департментот. Слично како што беше и со Советскиот сојуз, пред таму да испратиме свој дипломат“.

Додуша не станува збор за отворање на американска амбасада во Иран, туку за мало дипломатско претставништво. Тоа е возможно само ако даде согласност иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, кој изгледа неодамна дал зелено светло.

Се откажа ли САД од напад на Иран?

Дали по обостраното мафтање со сабји околу атомското оружје и најава за остри санкции ќе дојде и до олабавување на ситуацијата? Дали владата на Буш и дефинитивно се прости од бомбардирање на атомските постројки во Иран? Аналитичарот Јоанис Сарастис од институтот Хадсон вели:

„Се чини дека е тоа дефинитивно отфрлена опција. Пентагон навистина има план за таков напад, но не верувам дека ќе дојде до такво нешто. Пред се бидејќи тоа не го сака американската јавност. Имаме доволно проблеми во Ирак и Авганистан каде Талибанците се во офанзива, па не ни треба и трета војна. Особено што аналитичарите проценуваат дека во војната во Иран нема да ја добиеме.“

Наскоро крај на политичкото натегање со Иран?

Значи исто како и во случајот со Северна Кореја, изгледа се ближи и крајот на политичкото натегање со Иран. Особено што претседателот Буш на крајот на вториот мандат сака да остави позитивна надворешно - политичка клима. Тешко е да се процени кога на првиот ирански пасош во Техеран ќе биде удрена американска виза. Портпаролот на Стејт Департментот, Меккормак дипломатски навестува:

„Ако се пружи прилика, надворешната политика да биде во служба на националните интереси тогаш ќе го направиме тоа. Но, без притисоци и рокови.“