1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли придвижување во атомскиот спор со Иран?

По сигналите за помирување од Вашингтон, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад најави нов предлог со кој би се надминле несогласувањата. САД ја поздравуваат подготвеноста за дијалог, но нема промена на условите.

default

Американската државна секретарка Хилари Клинтон ја поздрави иницијативата за дијалог со Иран, но најави дека на преговарачката маса остануваат досегашните барања и услови кои му се поставени на Техеран. „Ние сме за дијалог и пронаоѓање на решение, но не сме отстапиле ниту додале некое барање во врска со иранската нуклеарна програма“, рече Клинтон. И портпаролот на Стејт Департментот Роберт Вуд повтори дека САД сакаат Иран да ги прекине сите активности во врска со збогатувањето на ураниум и го повика Иран со својот нов план да одговори на загриженоста на меѓународната заедница во врска со спорната нуклеарна програма.

Ова следи откако иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад најави дека има подготвено нов план кој може да биде основа за решавање на иранското нуклеарно прашање. Тој не соопшти други детали туку само додаде дека „со новиот предлог ќе се осигура мирот и правдата во целиот свет.“ „Со предложеното решение се почитуваат правата на сите народи“, рече Ахмадинеџад. Иранскиот претседател изјави дека планот наскоро ќе им биде понуден на западните држави.

Само еден ден претходно во весникот „Њујорк Тајмс“ пишуваше дека Вашингтон во врска со иранскиот атомски спор е подготвен на значајни отстапки. Ваквата формулација е интерпретирана дека САД ќе се откаже од досегашните предуслови за дијалог со Иран, во случај властите во Техеран да се согласат на сеопфатна контрола на нивната атомска програма.

Минатата недела, Ахмадинеџад ја прифати поканата за разговори со петте постојани земји членки во Советот за безбедност и Германија. Во овие разговори околу иранската нуклеарна програма, се најавува дека за првпат ќе учествува американски претставник од повисоко владино ниво.

И покрај ваквите чекори, многу политичари во Техеран, меѓу кои и претседателскиот кандидат на умерените сили, Мир Хосеин Мусави, во изминатите денови повторно нагласија дека нема да има запирање на иранската нуклеарна програма.

Западот го обвинува Иран дека се обидува да развие нуклеарна програма за производство на атомско оружје. Техеран тоа постојано го демантира и тврди дека нивната нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели.

Автор: УП/НГ/ртре/бета

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина