1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли понуда за „дил“ меѓу Обама и Медведев?

Преговараат ли САД и Русија зад кулисите околу нова спогодба за спорниот анти-ракетен штит на Американците? Дали е во игра некаков „дил“?

default

Што ли пишува во писмото на Обама до рускиот колега Медведев?

Белата куќа ги негира информациите што протекоа преку угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ дека претседателот Барак Обама испратил тајна понуда до рускиот колега Дмитри Медведев. А Кремљ потврдува дека стигнало писмо, но не објавува детали. Она што во целата афера сега уште останува тајно е точната содржина на писмото, што новиот американски претседател Барак Обама го испратил до рускиот ресорен колега, Дмитри Медведев. Ако може да му се верува на портпаролот на претседателот Медведев, тогаш Обама не му понудил откажување од плановите за распоредување на спорниот анти-ракетен штит во Источна Европа. Во дописот на американскиот претседател има само низа проценки за актуелната ситуација во светот и неколку предлози, нагласи портпаролот на Медведев, Наталија Тимакова.

Камчето го стркала „Њујорк тајмс“

Американскиот весник „Њујорк тајмс“, кој ја лансираше целата приказна, пишуваше дека во тајното писмо на Обама до Медведев се барало Русија да изврши влијание врз Иран околу неговата спорна атомска програма. За возврат САД ќе се откажат од анти-ракетниот штит во Источна Европа. Ваквиот политички „дил“ рускиот претседател Медведев принципиелно го отфрли: „Што се однесува до некакви политички зделки, можам само да кажам дека такво нешто не доаѓа предвид, тоа не е продуктивно...“

Бурна дебата во Русија

Идејата меѓутоа не е нова. Веќе со денови во руската јавност се води голема дебата околу тоа дали има смисла да се стават на коцка добрите односи со Иран за нешто што е само потенцијална закана.

Dmitry Medwedew während eines Telefonats 11.08.2008

Може ли Медведев едноставно да ја одбие понудата од Вашингтон?

Политичките коментатори во руските медиуми нагласуваа дека тоа би била лоша зделка, затоа што Американците би се откажале од систем, што ни од далеку не почнал да функционира, а Русите би требало да ја ризикуваат добрата соработка со таков важен регионален играч, како што е Иран.

Освен тоа, не е јасно дали Американците, воопшто, би се придржувале до договорот и не би ги продолжиле подготовките за анти-ракетниот систем во тајност. Руските односи со Иран, пак, ако еднаш се расипат, повеќе не може да се поправават.

Коментаторите уште аргументираа дека Америка се покажала како недоверлив партнер и кога станувало збор за проширувањето на НАТО кон Исток. Тоа порано било исклучено како опција, а сега во Алијансата постојано се разговара дури и за прием на Украина и Грузија, како земји во непосредно соседство на Русија. Многумина од руските експерти исто така сметаат дека Обама ионака ќе се откажел од анти-ракетниот штит, ако поради ништо друго, тогаш поради големата финансиска криза.

Може ли Кремљ да си дозволи студено „њет“?

Од друга страна, за рускиот имиџ би било лошо доколку ја отфрли понудата. Освен тоа, за Русија е многу важно да го спречи инсталирањето на антиракетниот систем директно пред сопствените порти. Медведев зборува за гео-стратешка безбедност на сите земји во игра, обновувајќи ја идејата за соработка меѓу САД и Русија во проектот за анти-ракетен штит: „Ако новата американска влада постапува според здравиот разум и даде нов предлог, кој ќе биде прифатлив како за Европејците, така и за САД и за нашата земја, тогаш сме подготвени да разговараме за тоа“, порача претседателот Медведев.

Кремљ не крие дека односите со Вашингтон му се многу битни. А колку и на Американците им се битни добрите и рамноправни односи со Русија ќе се покаже веројатно в петок, на првата средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со новата ресорна колешка од Америка, Хилари Клинтон.

DW.COM