1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли крај на маките?

Граѓаните на Јапонија рано утринава (11.04) им оддадоа почит на жртвите на катастрофалниот земјотрес, што ја погоди земјата пред точно еден месец. Нешто повеќе од два часа подоцна земјата повторно се затресе.

Еден месец по катастрофата полицијата уште еднаш трага по жртви од земјотресот и цунамито

Еден месец по катастрофата полицијата уште еднаш трага по жртви од земјотресот и цунамито

Новиот земјотрес со силина од 7,1 степен по Рихтеровата скала го прекина на околу еден час снабдувањето со електрична енергија на системите за ладење во Фукушима 1. Од тоа беа погодени реакторите 1, 2 и 3, кои поради тоа привремено се снабдуваа со струја од генератори. Експертите на фирмата Тепко успеаја набрзо да го отстранат проблемот, така што хаварисаните реактори повторно се снабдуваат со струја од мрежата. Претставник на власта порача дека опасноста од нови експлозии во реакторите на Фукушима 1 сега е во принцип помала од онаа на почетокот на кризата по катастрофалниот земјотрес од 11. март.

Проширена зона за евакуација

Јапонската влада претходно најави дека има намера во наредните недели да го прошири кругот за евакуација на локалното население. Од оваа мерка ќе бидат погодени уште неколку места кои се наоѓаат во подрачјето меѓу зоната за евакуација од 20 километри и следниот круг од 30 километри околу постројката. Населението во ова подрачје досега имаше препорака да не излегува без потреба од домовите. Организацијата за заштита на човековата околина Гринпис, по спроведените сопствени мерења, побара од јапонските власти да го евакуира населението во круг од 60 километри.

Почит за жртвите со една минута молчење

Почит за жртвите со една минута молчење

Трпението попушта

Соседите на Јапонија полека го губат трпението поради продолжената нуклеарна криза. Како Кина, така и Јужна Кореја се’ понетрпеливо реагираат на информациите за случувањата во Фукушима 1, бидејќи се чувствуваат потенцијално загрозени од радиоактивното зрачење што излегува од постројката. Трпението попушта и кај домашното население во Јапонија, кое во изминатиот месец инаку покажа зачудувачка дисциплина и смиреност.

„До сега не сме имале толкава криза, како оваа, време е да се пожалиме. Ако сега не ги сопреме атомските постројки, тогаш тоа ќе биде крајот на Јапонија. Мора навистина да ја прекинеме нивната работа, затоа протестите се толкави“, појаснува еден од демонстрантите кои вчера се собраа во Токио за да протестираат против користењето на нуклеарната енергија во земјата.

Такви драстични чекори не бараат сите демонстранти, но некои од нив сакаат наскоро да го видат барем почетокот на откажувањето од атомската енергија:

„Во иднина треба постепено да се ослободуваме од атомските реактори. Затоа денеска им се приклучив на протестите.“

Автор: Хорст Клојзер / Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев