1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли излез од пат-позицијата?

Во Истанбул се обновуваат разговорите за спорната атомска програма на Иран. Не е многу веројатно дека ќе биде направен пробив, но нема ниту алтернатива, освен да се разговара.

Изгледите за дводневните разговори во Истанбул за спорната атомска програма на Иран не се розови, но кај набљудувачите доминира ставот дека нема друг избор.

Позициите се непроменети: групата П-5 плус 1 (петте земји - постојани членки на Советот за безбедност, плус Германија, н.з.), посебно САД, бара Иран да запре со облагородувањето ураниум и да овозможи контроли на неговите постројки од страна на инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија. Во противпотег нуди да го снабдува Иран со радиоактивен материјал за атомски електрани и за медицински истражувања, како и укинување на меѓународните санкции.

Иран, кој во меѓувреме располага со резерви од горивни елементи од сопствена продукција, слични предлози отфрли уште во јануари 2011, кога беа прекинати и разговорите за неговата атомска програма. Западот се сомнева дека Иран тајно работи врз развој на атомско оружје. Техеран тоа го отфрла и тврди дека атомската програма е за мирољубиви цели, а обидите за нејзино ограничување се еднакви на кршење на неговиот национален суверенитет.

Iran Atomprogramm Atom Streit Ahmadinedschad Teheran

Претседателот Ахмадинеџат во посета на нуклеарен реактор, фотографиран во февруари годинава

Клучот е во рацете на Хамнеи

Разговорите ќе се одвиваат во фон на еден економски, а потенцијално и воен конфликт. Многубројни земји претстанаа да купуваат нафта од Иран, а иранските банки се исклучени од меѓународните финансиски механизми. Израел не исклучува ни воен удар против Исламската република поради нејзината атомска програма.

Иран досега одбива да попушти пред меѓународниот притисок. „Секому, кој ќе ги крши правата на иранскиот народ, ќе му биде покажано каде му е местото и ќе добие таква шлаканица, што веќе не ќе може да си го најде патот назад кон домот“, изјавил, според државната иранска телевизија, претседателот Махмуд Ахмадинеџад на само неколку дена пред почетокот на разговорите.

Но, набљудувачите претпоставуваат дека не е клучен Ахмадинеџад, туку духовниот поглавар на Исламската република, ајатолахот Али Хамнеи. Тој го има последниот збор во врска со атомската програма, оценува Меир Џаведанфар, експерт за Иран од Интердисциплинарниот центар во израелскиот град Херцлија: „Се поставува прашањето, зошто тој не постигне договор со групата П-5 плус 1, по што би биле укинати санкциите и Иран би се вратил во меѓународната заедница“?

Несреќата е во тоа, што Хамнеи можеби воопшто нема ни интерес за промена на статус кво состојбата и за помирување со стариот противник. „Мир со САД би ги уништил и последните остатоци од (исламската) револуција, последните траги од лепак што го одржува единството на режимот“, вели Џаведанфар за ДВ. „Инаку, револуцијата би претставувала неуспех, и ако Америка има добри односи со иранскиот народ, режимот би ја загубил легитимноста“.

Има ли ефект од санкциите?

Iran / IAEA / Atomprogramm / Zentrifugen

Ајатолахот Хамнеи го има главниот збор во иранската атомска програма

Значи, за да се издејствува компромис, мора да се изврши притисок врз Хамнеи. Но, контроверзни се оценките за ефектот од економските санкции, за кои посебно се залагаа САД: едни сметаат дека санкциите го погодија обичниот народ и дури на некој начин ја јакнат позицијата на владата. Од друга страна, вредноста на иранската валута падна на најниско ниво и рестрикциите на кои се подложени банките, му ги отежнуваат бизнисите на Техеран.

Приврзениците на санкциите веруваат дека тие ќе донесат резултат. „Главна причина за лојалноста на Револуционерната гарда спрема Хамнеи се економските интереси. Санкциите ќе им наштетат на тие интереси; порано или подоцна гардата може да изврши притисок врз Хамнеи, за да изнуди промени“, смета Меир Џаведанфар.

Од американски агол стратегијата се гради врз ситуација во која Хамнеи би морал да се определи меѓу економската иднина на земјата и старото непријателство спрема САД.

Да може, Иран би го вратил Буш!

Претседателот Барак Обама не може да покаже слабост во спорот со Иран, со оглед на претстојните претседателски избори. Тој демонстративно одби да исклучи воена опција ако Иран ја наруши сегашната пат-ситуација, но американски воен удар не е многу веројатен. Од една страна, колебливиот став може да му го слабее влијанието во разговорите; од друга, пак, релативната популарност во Иран му обезбедува посилна позиција спрема тамошното раководство. „Кога би можел, иранскиот режим би го вратил Џорџ Буш како претседател на САД, оти тој му го даваше она што му е потребно: оправдување за антиамериканската политика“, оценува Меир Џаведанфар.

Логиката вели дека во Истанбул е можен напредок само ако САД го уверат иранскиот народ дека бараат мирољубиво решение за пат-ситуацијата, дури и ако тоа решение е далечна цел. А, можеби, пак, иранскиот режим шпекулира дека во наредната година ќе има работа со нов, воинствен американски претседател, посоодветен на претставата за непријател на исламската револуција.