1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Има ли излез од кризата во Зимбабве?!

Групата земји од Јужна Африка бара одложување на вториот круг од претседателските избори во Зимбабве. Во сегашните услови на насилство против приврзаниците на опозицијата не е можно одржување фер и демократски избори.

default

Лидерот на опозицијата Морган Цвангираи на на брзина свиканата прес-конференција во Хараре


Лидерот на опозицијата Морган Цвангираи на кусо ја напушти холандската амбасада, каде пред два дена побара заштита, и свика спонтана прес-конференција. Тој и овој пат побара да не се одржува вториот круг на претседателските избори, бидејќи во земјата владее насилство и вистински прогон на неговите приврзаници. Според него на местото на изборната фарса треба да се одржат политички преговори за излез од кризата.


„Секој едностран чекор изборите сепак да се одржат ќе наиде на непризнавање од страна на опозиционото Движење за демократска промена, на граѓаните на Зимбабве и на целиот свет. Стоиме со обединети сили за да му ставиме крај на насилството и за да ја спроведеме волјата на народот, како и да ја обновиме способноста на нашето општество да функционира нормално“ – порача Цвангираи на прес-конференцијата во Хараре.


Четири услови за надминување на кризата


Тој постави и четири услови за одржување на политичкиот дијалог со актуелната власт на Роберт Мугабе:


„Насилството мора да запре и да се уништат сите структури што го поддржуваат. Второ, сите меѓународни хуманитарни организации треба да добијат дозвола слободно да работат во земјата. Трето, сите избрани претставници на народот од изборите на 29. март треба веднаш да почнат да работат. И четврто, сите политички затвореници треба да бидат пуштени на слобода.“


Според Цвангираи во затвор се наоѓаат стотици приврзаници на опозицијата, вклучувајќи го и генералниот секретар на неговата партија Тендаи Бити, кој е обвинет за предавство и му се заканува смртна казна.


Мугабе не попушта


Наспроти протестите од целиот свет и повлекувањето на против-кандидатот Цвангираи, актуелниот претседател Роберт Мугабе има намера в петок да ги одржи претседателските избори.


„Ги продолжуваме изборите. Другите можат да кажат што сакаат, но изборите се наши, ние сме суверена земја!“