1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Има ли десен екстремизам во Македонија?

Во Македонија нема класична ултра десничарска партија но екстремните ставови ги артикулира политичкото милје на кое доминираат две партии. На теренот пак постојат елементи карактеристични за радикалната десница.

default

Македонија во кусиот дводецениски политички плурализам нема позначајно искуство со радикални десничарски партии. Екстремните идеи карактеристични за радикалната десница не успеаја да се надградат и оформат во организирана платформа и да обезбедат група што ќе ги застапува, не само на политичката сцена, туку и во останатите општествени сфери. Ретките обиди завршуваа со неуспех. Објаснување за ваквата состојба побаравме од експертите. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Дојче Веле објаснува:

Во сите земји има место за појава на ултра десница.

„ Моментално во Македонија таа појава е инхибирана од фактот што на политичкиот пазар метастазираат двете големи политички партии и го зафаќаат целиот простор, па нема амбиент за автентична артикулација на ултра десничарска идеологија но факт е дека во една од големите партии постојат елементи на таа ултрадесничарска партија“, вели Арсовски.

NPD Leipzig Skinhead

Плодна почва за радикализам

Голем дел од очекувањата на граѓаните од самостојноста останаа неисполнети, плановите за европска иднина се’ уште не се остварени. Ако на тоа се додаде економско социјалната слика на земјата јасно е дека Македонија е плодна почва за појава на разни форми на радикализам. Зошто сепак такивте идеи се ретки го прашавме социологот Илија Ацевски.

„ Одговорот може да се бара на повеќе нивоа. Прво Македонија нема такво историско искуство, второ имаме мешавина на партии и идеологии кои ја пополнуваат празнината во тој поглед, трето нашите партии не се докрај профилирани, објаснува за Дојче Веле професорот од Филозофскиот факултет во Скопје.

На теренот има ултрадесничарски елементи

Политикологот Арсовски има поинаков став:

„ Ултрадесничарски елементи на теренот постојат. Ние во Македонија не сме го затвориле прашањето дали можеме да живееме со Албанците, дали треба да одиме во ЕУ, дали сегашните граници на Балканот се завршена приказна, што се во основа класични ултрадесничарски идеологии. Постои автентична политичка енергија која ги толкува и ги артикулира, прашање е дали таа е оформена во една независна политичка партија или го наоѓа своето место во сегашното политичко милје“.

Сликата е иста и во македонскиот и во албанскиот политички блок. Политичарите ги користат екстремните идеји за сопствена промоција или за зголемување на рејтингот. Досега видените форми на радикализам успеаја во одредени ситуации да ги мобилизираат масите но не добија доволно енергија да креираат нови правци во општеството.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски