1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Имаат ли граѓаните влијание врз центрите на одлучување?

Македонската влада продолжува со реализација на проектот „Ден на идеи“, кој има за цел активно учество на граѓаните во креирањето на политиката. Дали е тоа доволно за обичните луѓе навистина да влијаат врз тој процес?

default

Тетово

Различни пораки до владата имаа дел од граѓаните на Тетово. „Владата нека биде малку пореална и да не дава лажни ветувања“, вели еден тетовец. „Значително се активни и работат колку што можат. Би требало да бидат поупорни во она што сакаат да го направат“, смета неговиот сограѓанин. Оваа жена пак има други грижи: „Она што моментно не загрижува сите, тоа е економската состојба, како да преживееме. Ако не ни е добра економијата, тоа поттикнува на криминал и на други работи“.

Што мислат експертите владиниот проект?

Професорката по политички науки од Институтот за социолошки и политичко – правни науки од Скопје Лидија Христова вели: „Ако се остане само на таква манифестација, се разбира, целта не може да се постигне. Но, ако целта на ваквиот тип на акции е да се мобилизира свеста на граѓаните и на соодветните институции и тие да продолжат во тој стил, само во тој случај ваквата акција би била оправдана“.

Gruevski Statement.jpg

Македонскиот премиер Никола Груевски

Мирјана Малеска, професорка по политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово, посочува:„Гледам на тоа како на едукација, особено за помлади луѓе, како на оживување на идејата дека власта треба да биде одговорна пред народот и да го слуша неговиот глас. Но, практично, тоа не значи ништо. Смешно е да се очекува дека граѓаните ќе излезат и оти ќе дадат некакви идеи, дека тоа има некакво значење“.

Граѓаните – далеку од центрите на одлучување и од политиката

Со својата активност македонската влада најдиректно го актуелизираше прашањето: Дали постои активно учество на граѓаните во политиката и во донесувањето одлуки? Граѓаните на мултиетничко Тетово одговараат: „Кој не ферма нас? Никој!“; „Кој те слуша?! Политичарот е политичар, граѓанинот нека пита, нека оди! Не водат сметка ниту за сиромаштијата, ниту за никого. Само водат сметка да лапаат, да шетаат,“ револтирано заклучува овој човек. „Многу се запоставени граѓаните, немаат кај кого да се пожалат, некој да преземе некоја конкретна мерка, ако има некоја мака“, смета оваа млада девојка. „Политиката е одалечена од реалните потреби на граѓаните“, се надоврзува овој тетовец. Според доктор Лидија Христова пак, „граѓаните се недоволно вклучени во креирањето и во примената на одржливи политики. Значи, тие имаат недоволно влијание врз центрите на одлучување и на централно и на локално ниво“.

Колку од препораките ќе се вградат во реалната политика?

Македонските граѓани имаа можност, на владата и министерствата да им ги пренесат своите идеи за тоа како да се подобри функционирањето на општеството и државните институции. Пред ресорните министерства беа поставени поштенски сандачиња, а неколку часа граѓаните имаа можност и за директен контакт со министрите и премиерот во владата. Но, и по последната ваква акција останува прашањето, колку од она ќе им биде кажано и порачано, на премиерот Груевски и на министрите, реално, ќе се вгради во програмите на владата и на министерствата? Кога политичките елити, сегашнава и наредните, ќе започнат да градат вистински механизам за континуирана граѓанска партиципација, а не да реализираат само понекогаш и тоа еднодневни акции со призвук на популистички кампањи?