1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Илинденски пораки

На Мечкин камен, во Пелинце и во Трново денеска одбележани двата македонски Илиндена – 1903-та и 1944-та година. Пред македонските граѓани говореа претседателот Бранко Црвенковски, спикерот на парламентот Љубиша Георгиевски и мандатарот Никола Груевски. Што им порачаа тие на граѓаните?

Македонија го слави Илинден

Македонија го слави Илинден

“Македонија е држава со просперитетна европска иднина. Рамноправноста и еднаквоста во правата и обврските се клуч на стабилноста и гаранција за просперитетот“, изјави денеска на Мечкин камен, по повод Илинден, македонскиот претседател, Бранко Црвенковски. Според него “суштината е секогаш во пронаоѓање на точките што не спојуваат, во изнаоѓањето врски и заеднички интереси и цели“. Говорејќи за земјата пет години по Охридскиот договор, македонскиот претседател рече дека со сигурност може да се констатира оти е правилно постапено, а што се однесува до односите на Македонија со соседите, тој подвлече:

“Ние имаме висока почит кон нивната историја. Свесни сме дека во минатото честопати судбините на нашите народи се преплетувале. Но, исто така, ниту можеме, ниту смееме, ниту сакаме да се откажеме од она што е автентично наше, македонско, од она што не потврдува како посебен македонски народ со своја сопствена историја, со свој македонски идентитет. “

Од внатрешната стабилност на Македонија и од брзината на прилагодувањето на земјата кон вредностите и моделите на ЕУ, според Црвенковски, и натаму најмногу зависат интегративните процеси:

“Натамошните реформи се единствената опција што ја имаме. Не чека многу работа. За да го постигнеме поскауваниот успех не треба да правиме чуда. Треба само да дадеме се од себе“, рече по повод Илинден, во говорот на Мечкин камен, македонскиот претседател, Бранко Црвенковски.

Во недоизграденото Пелинце, на осум километри пред Прохор Пчински, кое почна да се гради пред три години како алтернатива на манастирот каде што се одржа првото заседание на АСНОМ пред 62 години, со што се удрени темелите на современата македонска држава, на македонските граѓани Илинден им го честиташе новоизбраниот претседател на македонскиот парламент, Љубиша Георгиевски. Тој рече дека очекува и актуелното собрание да даде придонес за остварување на илинденските стремежи и идеали:

“За успешна реализација на манифестираните заложби, за наш брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и за етничко унапредување на меѓуетничкиот соживот, со што ќе го надоградиме државниот континуум започнат со двата Илиндена“, рече Георгиевски.

Во Трново,пак, денеска празникот Илинден го прославија неколку илјади македонски иселеници. Ним и на другите македонски граѓани, мандатарот Никола Груевски им се обрати со зборовите:

“Нашата борба ќе продолжи се додека целиот свет не ја признае Република Македонија под нејзиното уставно име – Република Македонија. “

Груевски потсети дека излезот од економската криза во која се наоѓа земјата нема да биде лесен и брз. Тој на иселениците им се заблагодари за помошта што им ја даваат на своите блиски кои се останати во Македонија и со тоа и помагаат на самата земја. Мандатарот вети дека ќе им овозможи на македонските државјани кои живеат и работат во странство да гласаат на идните избори и дека тој смета на помошта на дијаспората.