1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Изјавите на Венизелос – алиби или обид за продлабочување на јазот меѓу заедниците

Не е новост некој од Атина да се обидува да работи на впечаток на поделеност, како алиби за своите нелегални и недемократски наметнувања, сметаат од МНР во Скопје.

Изјавата на грчкиот заменик-премиер Евангелос Венизелос, дека Грција и албанската заедница во Македонија со согласуваат по прашањето дека спорот за името е помал од проблемот што го има Скопје со Софија, наиде на различни реакции во политичката јавност во Македонија.

Македонското Министерство за надворешни работи, за Дојче веле даде свое видување на изјавата на грчкиот заменик-премиер.

„Не е новост некој од Атина да се обидува да работи на впечаток на поделеност како алиби за своите нелегални и недемократски наметнувања, како што не е ни прв пат да се подметнува дека кочничар е некоја друга земја членка, а не таа самата. Одговорот е едноставен: нека излезе и каже на Европскиот совет дека поддржува напредок со Македонија и нека ги испочитува основните правни обврски кои ги прекршува. Така ќе биде јасно кој за што се залага. Во меѓувреме, неопходен е малку поголем ангажман околу заедничкиот европски интерес“, сметаат од МНР.

Изјавата на Венизелос најдиректно го насочи вниманието кон ДУИ, партија која изминатата година ја помина во голема дипломатска офанзива за афирмирање на интеграциските заложби на Македонија. ДУИ, подолг период беше опсипувана со прашања дали води соло - дипломатија или нејзината мисија е резултат на целосно усогласени ставови во Владата. Иако одговорите од македонскиот дел од Владата честопати беа дисонантни, официјално завршуваа со ставот дека „...е добредојдена секоја добронамерна иницијатива што ќе води кон решавање на проблемите“. Артан Груби, шеф на кабинатот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека нема ништо тајно и нетранспарентно во нивната партиска политика.

„Ставовите и политиките на ДУИ во врска со прашањето за името се јавни и транспарентни, каква што впрочем беше и кампањата на претседателот на ДУИ од Вашингтон до Брисел. Ние се залагаме за што е можно поскоро постигнување на компромисно решение помеѓу двете страни со посредство на меѓународната заедница. Сметаме дека последниот предлог на посредникот Нимиц кој што не задира во идентитетот и јазикот на македонската заедница и го содржи името Македонија, е добра основа врз која Груевски и Самарас треба да седнат на заедничка маса и да се потрудат да постигнат компромис. Решението на овој спор придонесува кон заедничка иднина на земјата, добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, стабилност и сигурност, но и економски развој“, вели Груби.

По септемвриската средба на Ахмети со Венизелос лани во Атина, грчки аналитички кругови во медиумите оценија дека „Ахмети во очите на САД и ЕУ веќе се гледа како фактор на стабилност, а поради нивната разочараност од односите на Груевски со соседните држави, сметаат дека некој друг ќе треба од внатре да ја води играта за решавање на спорот.

Да не се заобиколува Владата

Но, дали тоа е најдобриот начин за одржување на комуникацијата меѓу двете земји? Дали ДУИ треба и може да биде единствениот „линк“ со Грција? Според универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој го следи процесот на разговорите за спорот за името, грчкото барање за поддршка од албанскиот политички фактор во Македонија наместо да ја реши, може само дополнително да ја компликува ситуацијата.

Evangelos Venizelos

Ново-стара тактика на Венизелос?

„Излагањето на Венизелос пред комисијата на францускиот Сенат е најдобриот аргумент дека директни средби и разговори со грчките политичари, што упорно го бараме со години, би биле само губење време. За жал, грчкиот министер не е единствениот врвен политичар во таа земја кој заборавил да излезе од 19. век. Неговата реторика е во контрадикција со глобалните тенденции, а тоа им се случува само на оние кои го преспале 20. век без да забележат дека во меѓувреме корпусот на неотуѓиви човекови права стана меѓународен стандард кој е негиран само на неколку места во светот. Дел од истиот арсенал на застарени балкански концепти е и упорното грчко инсистирање на оската Атина-Софија во однос на проблемот со името. Конечно, грчкото барање за поддршка од албанскиот политички фактор во Македонија наместо да ја реши, може само дополнително да ја компликува ситуацијата, затоа што дијалогот за најтешките прашања е нужен, пред се‘, меѓу Македонците и Албанците кои живеат во иста држава, а не дијалог на Грците и Бугарите со Албанците, со заобиколување на владата во Скопје“, посочува Пендаровски.

Некои сметаат дека ова е грчки, но и европски обид за „поконструктивно“ вклучување на албанскиот фактор во поттикнување и завршување на интеграциските процеси не само во Македонија, туку и на целиот Балкан. Александар Димитров, поранешен министер за надворешни работи, оценува дека изјавата на Венизелос во основа е точна во однос на тежината на двата нерешени проблеми на Македонија со Грција и Бугарија.

„И порано сум предупредувал дека ако од Грција сме добиле вето, она што може да го добиеме од Бугарија е вето и пол. Но, не се согласувам со тврдењето на Венизелос дека грчките позиции се исти со позициите на целата албанска заедница. Мандух Тачи од ДПА, на пример, неколку пати повторува дека не го интересира проблемот со името“, вели Димитров.

Гниење однатре

Генерално, претставниците на албанскиот политички блок се воздржани за коментари на оваа тема, па нивниот молк го супституираат аналитичарите. И покрај впечатокот дека има „голем штоф“ во изјавата на Венизелос, според Мерсел Биљали, таа е исклучиво поврзана со грчкото претседателство со ЕУ.

„Бидејќи е претседавач со ЕУ, Грција сега сака од таа позиција да го маргинализира проблемот со името и да биде на солидна дистанца. Целта е да се покаже дека во Атина има политичка волја тој проблем да се реши, но дека тој не е најголем проблем на Македонија. Во тој контекст беа и преходните изјави на Венизелос, дека за интеграцијата на северната сосетка не е пречка проблемот со името, туку неисполнувањето на копенхашките критериуми“, потсетува Биљали.

Новинарот Ким Мехмети ги дијагностицира причините поради кои Македонија загуби чекор во создавањето внатрешна стабилност која води и кон успеси на надворешен план.

„Очигледно времето работи за Грција. Исто како што е очигледно дека грчката страна добро ги има проценето внатрешните проблеми на земјата, пред се‘ меѓуетничките односи. Оттука, таа игра и на картата на внатрешните меѓуетнички недоразбирања и сака да придонесе тие што повеќе да се продлабочат. Македонија проблемот со името долго време го користеше за да ги прикрие сите внатрешни проблеми, при што заборави дека и надворешната политика е условена од внатрешната стабилност. Градејќи си внатре два доминантни етнички 'паралелни системи' кои се‘ повеќе функционираат секој за себе, Македонија плови кон градење на паралелни ставови и кон прашањата што се поврзани со односите со соседите, вклучувајќи го и проблемот со името. Верувам дека Македонија ќе плати висока цена затоа што откако ја потроши картата на 'албанската опасност' за опстанокот на земјата, почна да игра на картата 'соседните непријатели' кои се против опстанокот на земјата. Притоа го заборави нејзиниот, според мене, најважен проблем - тој што се однесува на постојаните етнички надмудрувања, кои земјата ја глодаат однатре и ја ослабуваат нејзината позиција и пред меѓунардниот фактор. Колку и да звучи преостро, сметам дека денешниот проблем на Македонија не е проблемот со името, туку тоа што таа бавно ’гние’ однатре и ја губи кохезиската граѓанска поврзаност меѓу двата најбројни етнитети - Македонците и Албанците. Знаејќи го ова, не е неосновано грчкото очекување дека, ако Македонија продолжи да оди по овој пат на внатрешни делби и меѓуетнички надмудрувања, таа еден ден можеби и ќе нема потреба од име“, предупредува Мехмети.

Голем дел од аналитичарите веќе подолго време тврдат дека прашањето на името не е клучниот проблем за земјата, туку е проблем на нејзиното политичко водство, кое многу бавно ја разбира кинеската мудрост дека кризата е и можност.

Поврзана содржина