1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Израел стрепи над судбината на киднапираниот војник

Убиството на двајца и ранувањето уште четворица израелски војници во Појасот Газа предизвика големо бранување на Блискиот исток.

Израелски војници вежбаат во Ерусалим

Израелски војници вежбаат во Ерусалим

Вниманието во моментов меѓутоа е насочено кон судбината на киднапираниот израелски војник, за кого никој не знае ни каде се наоѓа, ниту во каква состојба е. Апели за негово поштедување и ослободување доаѓаат од највисоки претставници како на израелската, така и на палестинската власт.

Во Мицпе Хила, мало село на северот на Израел владее страв и голема загриженост за судбината на 19-годишниот војник Гилад Шалит. Особено во неговото семејство сите со нетрпение ги очекуваат новостите од Газа.

„Расположението е многу потиштено. Чекаме и се надеваме и оптимисти сме, бидејќи знаеме дека Гилад е жив. Неговиот татко ме замоли да соопштам дека семејството е многу загрижено. Тие сакаат да го видат Гилад што е можно поскоро жив и здрав дома„ – порача една блиска пријателка на семејството.

Нападот на палестинските екстремисти го шокира цел Израел. Напаѓачите, припадници на владеачкиот Хамас и на уште две милитантни групи, успеале незабележано да ископаат подземен тунел во должина од 800 метри под границата. Во рани зори тие излегле на израелска територија и ги изненадиле војниците на нивната позиција.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт го смета за одговорно целото палестинско раководство:

„Државата Израел смета дека е одговорна палестинската автономна власт на чело со нејзиниот претседател Махмуд Абас, како и палестинската влада – со се‘ што тоа значи!„

Вчера вечер се одржа итна седница на безбедносниот кабинет, на која учествуваа и врвните раководители на армијата и тајните служби. Премиерот Олмерт најави дека одговорот ќе биде остар и ќе трае повеќе дена. Сепак е договорено во наредните денови да не се изведуваат воени операции за да не се загрози животот на киднапираниот војник. Но, силите за безбедност треба да бидат подготвени на акција за негово ослободување, како и да подготват далекусежни воени акции, што ќе бидат спроведени во фази. Во тоа спаѓа и прогон на раководителите на военото крило на владеачкиот Хамаз. А од гневот на Израелците можеби нема да бидат поштедени ни политичките раководители на оваа радикална организација.

„Секој кој има каква и да е врска со судбината на војникот, секој кој носи одговороност ако нешто му се случи, тој треба да знае дека крвта на војникот ќе го стигне и него и неговите водачи„ – се закани министерот за одбрана Амир Перец.

Во редовите на Хамас ваквите закани се сфаќаат сериозно:

„До сега нема никакво соопштение на силите на отпорот, но доколку се вмешани, тогаш ги повикуваме да му го поштедат животот на војникот и кон него да се однесуваат пристојно„ – апелираше пред дваесетина микрофони на светските медиуми портпаролот на Хамас Гази Хамад и тоа на хебрејски.